Леблебиите повеќе не се само за грицкање….

Леблебиите се мешунки кои кај нас до пред некоја година можевме да ги најдеме само во леблебиџилница, семкарница или како веќе сакате да ги викате оние мали продавнички во кои се продаваат најразлични јаткасти производи за 'разбигрижа'. Но сега нивната примена е сѐ поразновидна

0
472

Најпозната мешавина за грицкање кај нас е онаа на леблебии и суво грозје. Но леблебиите можат да се користат на многу различни начини, а не само како една од омилените грицки кои ги купуваме во семкарниците или пак како главна состојка на хумусот кој веќе одамна го вклучивме во своето мени.

Еве како сѐ можете да ја користите леблебијата.

Намаз од леблебии. Од овие намирници можете да направите одличен намаз за сендвичи, особено за оние со туна. Смелете ги леблебиите во блендер, додадете малку мајонез со помал процент на маснотии, малку кисели краставички и сок од лимон, туна и тоа е сѐ. По желба можете да додадете и свежо мелен црн пипер.

Печени леблебии. Ова се едноставно совршени грицки за пред телевизор, а одлично одат со пиво. И што е најдобро од сѐ, поздрави се од купечките грицки. Исцедете ги леблебиите од конзерва, измијте ги со ладна вода и исушете ги со хартиени салфети, а потоа распоредете ги во тепсија, попрскајте ги со маслиново масло и со зачини по желба и печете ги во загреана рерна  на 200 степени Целзиусови.

Домашен фалафел.Ова се пржени топчиња од леблебии кои можат да бидат одличен ручек или ужина. Рецептот ќе го најдете ТУКА.

Супи и чорби. Леблебиите се мешунки кои можетеда ги користите на ист начин како гравот или грашокот. Во ова зимско време направете си вкусни супи од леблебии и не се плашете да експериментирате, додавајте разни индиски начини затоа што тие на леблебиите им даваат навистина посебен вкус.

Омлет од брашно од леблебии. Можете без проблем да направите омлет и тоа без јајца, а сѐ што ви е потребно e тофу и брашно од леблебии. Помешајте го брашното со тофу и прелијте го врз зеленчук кој сте го запржиле во тава.

Посни плескавици. Леблебиите се одлична основа за посни плескавици и ќофтиња, едноставно смелете ги и додадете зачини по желба па испржете ги како обични плескавици.

Песто. Наместо пињоли во класичното песто со босилек можете да ставите леблебија, а останатите состојки нека бидат исти (босилек, лук, маслиново масло).

Слатки јадења. Мелените леблебии можете да ги користите и за некои поздрави слатки доколку внимавате на калориите.

Фото: Pixabаy