Верувам дека сите барем еднаш сте се нашле во ваква ситуација: купивте банани што на крајот никој не ги изеде и тие ве гледаат тажно и со црни точки насекаде по нив од садот на масата. Жал ви е да ги фрлите, а сепак … никој не сака да јаде црна, мека банана. Па, имате среќа – токму таквите презреани банани се најдобри за колачи!
Ако не сакате да ги фрлите или да ги јадете, а немате време за колач – можете и да ги замрзнете и само да ги извадите кога треба да направите некој колач од банани! Ако сè уште сакате да правите некој вкусен и брз десерт – дефинитивно пробајте го овој куглоф. Неговата деликатна текстура со изразен вкус на банана и убав прелив од чоколадо ќе го освојат секој љубител на комбинацијата чоколадо-банана, како и по некој скептик. Додавањето малини ја освежува целата комбинација и го прави овој куглоф вистински вкусен десерт!
Состојки:
За бисквитот:
1 јајце
1 голема зрела банана – приближно 120 г
160 г шеќер
180 г брашно
1 ½ лажичка прашок за пециво
¼ лажичка цимет
¼ лажичка екстракт од ванила
150 г кисела павлака
85 г омекнат путер
прстофат сол
За чоколаден прелив:
75 г чоколадо (мин. 55%)
75 г павлака за шлаг
Додаток:
Свежи малини
Многу е важно сите состојки да бидат на собна температура.
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 175-180° C. Намрсете го калапот за куглоф со дијаметар од 17 см. Во еден сад, просејте го брашното, па додадете прашок за пециво, сол, цимет и шеќер и измешајте сè заедно. Оставете на страна. Помешајте ги згмечената банана, јајце и павлака со екстракт од ванила. Ова се влажните состојки. Во садот со сувите состојки додадете го омекнатиот путер и измешајте додека сè не се соединат состојките и не добијат трошлива текстура, како песок. Додадете ги влажните состојки и измешајте сè додека не се соедини.
Не мешајте премногу, за да не биде бисквитот жилав. Истурете ја смесата во подмачкан калап и печете 25-30 минути. Кога ќе се испече, извадете го на решетката и оставете да се излади во калапот. За преливот, загрејте ја павлаката за шлаг близу до вриење – не треба да зоврие – и прелијте го ситно исечканото чоколадо. Оставете 1-2 минути, а потоа промешајте додека не се изедначи. Прелијте врз изладениот куглоф и наредете свежи малини.
Рецептот е од ТУКА.