Иако на прв поглед ни се чинеше комплициран, затоа што, нели, обично се што има слоеви бара многу време, ама излезе многу поедноставен отколку што мислевме.
Обично во колачите и тортите кои се прават со маскарпоне или со рикота, ние си ставаме обична несолена урда и вкусот е одличен.
Има решение и за оние кои не сакаат афион – наместо мак, можат да се употребат мелени ореви.
Еве го и рецептот
Состојки:
За тестото:
250 г брашно
170 г путер
3 жолчки
1 ванилин шеќер
половина прашок за пециво
1 лажица павлака
За филот со мак:
7 лажици млеко
200 г мелен мак
100 г шеќер (ако помеѓу тестото и филот од мак, ставите џем за да се залепат подобро, тогаш можете да ја преполовите количината на шеќер. Ние ставивме 50 г шеќер, а тестото го премачкавме со џем од модри сливи)
За белиот фил:
500 г свежа несолена урда
100 г шеќер
кора од лимон
3 белки
3 лажици гриз
Приготвување:
Во сад измешајте ги сите состојки за тестото, исечете го путерот на ленти и замесете го тестото со раце. Кога ќе добиете убава мазна топка поделете ја на два дела и завиткајте ги посебно во проѕирна фолија, па едниот дел ставете го во фрижидер на најмалку половина час, а другиот во замрзнувач.
Додека тестото се лади, направете ги филовите.
Загрејте го млекото, па прелијте ги афионот и шеќерот и мешајте додека не се соединат.
За белиот фил измешајте ги со миксер урдата, шеќерот и кората од лимон додека не добиете кремава смеса. Одделно измешајте ги белките во цврст снег, па додадете ги во смесата со урда и шеќер, полека мешајќи со шпатула. На крајот додадете го гризот и убаво измешајте.
Загрејте ја рерната на 180 С.
Земете мал плех за печење и исечете масна хартија со овие димензии.
Извадете го изладеното тесто од фрижидерот, развлечете го тестото врз масната хартија, но претходно ставете малку брашно и врз хартијата и одозгора врз тестото за да не се залепи. Пренесете го тестото заедно со хартијата во тепсијата за печење.
Премачкајте го тестото со џем, а одозгора распоредете го филот од афион. Врз него ставете го филот со урда и убаво израмнете.
Извадете го другото тесто од замрзнувачот и изрендајте го со ренде врз колачот.
Печете го колачот околу 35-40 минути.
Оставете го да се излади, па ставете го во фрижидер. Ако не ви се чека, можете да го исечете и веднаш откако ќе се излади на собна температура.