Колач со пулпата што ви останала по правењето сок во соковник

Ако често правите сокови во соковник, сигурно ќе ви се најде еден ваков рецепт во кој ќе ја искористите пулпата што ви останува.

0
415

Веќе пишувавме за тоа дека е вистинска штета да се фрла пулпата од овошјето и зеленчукот што ви остануваат откако ќе направите сок во соковникот, па побаравме уште некој добар предлог како да ја искористите. Овојпат рецептот го преземавме од еден многу добар македонски блог за храна.

Состојки:

1 ¾ шоља брашно
1 ½ шоља шеќер
1 кесичка прашок за пециво
½ лажиче мелено мускатно оревче (или каранфилче, ѓумбир, пимент…)
½ лажиче мелен цимет
2 јајца
½ шоља масло
2 шољи пулпа од правење сок од јаболка, портокали, грејпфрут, цвекло и моркови.
½ шоља исецкани ореви (по желба)

Приготвување:

Прво проверете ja пулпата да не има семки, лушпи или големи парчиња и извадете ги. Парчињата можете да ги исецкате поситно и да ги вратите.

Помешајте ги брашното, шеќерот, прашокот за пециво и зачините. Додајте ги јајцата и маслото, изматете го сето тоа, па додадете ја пулпата од овошје и зеленчук и оревите.

Ставете ја смесата во тавче со димензии отприлика 9x22x8 цм, премачкано со путер и ставете го колачот да се пече во рерна загреана на 175°C околу 40 – 50 минути. проверувајте го одвреме навреме. Ако е површината прерано испечена, а внатрешноста сé уште жива, покријте го колачот лабаво со алуминиумска фолија или хартија за печење.

Рецептот е преземен од блогот „Ситно сецкано“.