Колач со вкус и мирис на планински чај

Овој интересен колач со планински чај го направи Бојана Димитрова од блогот „Ситно сецкано“. Вели дека вкусот е прекрасен, а и аромата, со оглед на тоа што чајот го има и во тестото и во шербетот со кој се прелива колачот, а дека се превкусни и зашеќерените гранчиња планински чај

0
189

Фотографиите за овој колач ги добивме од Бојана Димитрова од блогот за храна ‘Ситно сецкано’ која на својот Инстаграм профил ги сподели и своите впечатоци за истиот: Прекрасно колаче со планински чај. Чајот го има и во тестото и во шербетот со кој се прелива колачето, а и зашеќерените гранчиња се превкусни.

Еве што ви треба за да го направите:

За сирупот:
1/2 шолја шеќер
1/3 шолја сварен јак планински чај
кора од лимон

За колачот:

3/4 шолја несолен путер, омекнат
1 1/2 шолја шеќер
1 лажица рендана кора од лимон
3 јајца
2 1/4 шолји брашно
1 1/2 лажичка прашок за пециво
1/4 лажиче сол
1/4 шолја млеко
1/2 шолја сварен јак планински чај

Напомена: Бојана за својот колач користела половина од наведената количина шеќер. Според оригиналниот рецепт што го нашла на @miakouppa, има и прелив од шеќер во прав кој таа не го направила, а исто така се прави со чај.
Еве што ви треба и за преливот, а оставаме на вас дали ќе го направите или ќе го украсите само со зашеќерени гранчиња планински чај како што направила Бојана.

За глазура:
3/4 шолја шеќер во прав
1 1/2 лажица сварен јак планински чај

Приготвување:
Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови.
Секоја компонента од овој колач бара одредена количина планински чај, колку е посилен чајот, толку е поизразен неговиот вкус во вашиот колач кога ќе биде готов. Започнете со подготовка на чај, користејќи вкупно 1 шолја вода и приближно 1/2 шолја со цветови и гранчиња од планински чај. Ставете ги водата и планинскиот чај во тенџере, оставете да зоврие и да се вари 5 минути, покриен. Тргнете го од оган и искористете го овој чај за вашиот сируп, за колачот и за глазурата (ако ја правите).

Започнете со правење на сирупот. Во мало тенџере ставете го шеќерот, чајот и кора од лимон. Додадете уште неколку гранчиња планински чај во тенџерето и оставете да зоврие. Намалете ја топлината и варете додека шеќерот не се стопи. Тргнете го од оган и оставете го да се излади.
Следно, подгответе го колачот. Во сад за матење ставете ги путерот и шеќерот. Матете 3 – 5 минути додека не се соединат добро. Додадете ја кората од лимон и јајцата и мешајте добро дополнителни 3 – 5 минути додека не добие бледо жолта боја и не се соедини убаво.
Во мал сад измешајте ги брашното, прашокот за пециво и солта. Додадете 1/2 од ова во садот за матење кадешто е смесата од јајца, путер, шеќер и кора од лимон. Мешајте додека не се соединат добро. Потоа, истурете го млекото. Измешајте добро додека не се соединат и додадете го остатокот од смесата со брашно. Мешајте додека не се соедини убаво и завршете со додавање на чај (кој треба малку да се олади). Измешајте уште еднаш полека и префрлете ја смесата во подмачкан калап за печење. Печете околу 60 минути, но почнете да ја проверувате по 50 минути со чепкалка за заби.
Веднаш штом ќе биде готов, и додека е сè уште во калапот за печење, избоцкајте го колачот на 12 – 15 места и истурете го одозгора изладениот сируп кој прелу дупчињата треба да навлезе убаво во колачот. Оставете да се излади и украсете со гранчињата и цветчињата планински чај што се готвеа заедно со сирупот.

Ако сакате можете да ја направите и глазурата, но доколку не сакате колачот да биде премногу благ, направете како Бојана, намалете од количината за шеќер за тестото и не правете глазура.

Ако сепак ја направите, само истурете ја врз колачот, па потоа украсете со гранчињата од планински чај што беа сварени во сирупот.