Кога ќе се соединат љубов и работа, животот е мед и млеко

Војо и Марија Катранџиеви, се производители на мед, брачна двојка која е толку испраксирана во заедничката работа околу пчелите и медот, што изгледа како сè да им е мед и млеко, а не само нивниот вечерен оброк

0
1230

Старите традиционални кошници за пчели кои изминативе денови ги однесовме кај Атиџе Муратова во Дорфулија, ги зедовме откај нашите нови пријатели, брачниот меден пар Катранџиеви. Тие, господин Војо Катранџиев и неговата сопруга Марија, потекнуваат од пчеларски семејства, но велат дека не ги поврзале пчелите, туку љубовта, која освен еден со друг, почнале да ја споделуваат и со нивните пчелички и заедно, откако господин Војо се пензионирал, успеале да ги зголемат пчелните семејства па сега имаат околу 200.

И претходно се занимавале со пчеларство, но заради работата не можеле сосема да им се посветат. Сега тие се нивната главна преокупација.

За тоа дека за пчелите се грижат како родителите за своите деца, доволно зборува начинот на кој ги имаа веќе подготвени и поставени платнените обвивки за кошниците со кои тие требаше да се врзат пред транспортот, како и сите инструкции што ги добивме од нив: „Возете полека, избегнувајте дупки, веднаш кога ќе стасате и ќе ги наместат на новото место, одврзете ги кошниците за да не се задушат пчелите, …“, итн.

Секако, се јавија и следниот ден да прашаат како сме поминале по пат. Не ние, пчелите.

Инаку, кошниците со пчели на Марија и Војо Катранџиеви се наоѓаат на планината Огражден, во месноста Коџа тумба.

Пчелите ги чуваат во главно во сандаци, но имаат и околу 20-30 трмки, традиционални кошници за пчели кои со свои раце ги плете нашиот домаќин Војо.

„Тие се повеќе за да се зачуваат како дел од традицијата, но и за размножување на други пчелни семејства, за продажба, зголемување на рој, итн. “, ни објаснува овој искусен пчелар.

Во неговото семејство со пчеларство се занимавале и татко му и дедо му и претходно имале многу кошници на Беласица, но откако таму им се случила голема кражба пред 15 години решиле да се преместат тука каде што се сега.

Оттука пак, бидејќи, и покрај близината на електричниот столб, тие немаат струја, им го крадат медот. Затоа тука повеќе не чуваат тегли со мед.

Претходно, цели 40 години од својот живот господин Војо работел во рудникот Огражден, каде што бил одговорно лице за експлоатација и сепарација на неметали. Откако заминал во пензија тој и неговата сопруга која исто така потекнува од пчеларско семејство, ги намножиле пчелните семејства и сега имаат повеќе од 200.

Што се однесува до нивниот мед, тој имаше навистина боженствен вкус. Има ли нешто поубаво од тоа кога ставајќи мед во устата ќе почувствувате и по некое парченце саќе.

За количината на произведениот мед, господин Војо и госпоѓа Марија велат дека зависи од природата, од годината, од тоа дали ќе има погодни услови.

„Во последно време, поточно, последните неколку години пчеларството стагнира, односно условите не дозволуваат да има толкава количина колку што сакаат пчеларите. Но колку има толку. Кој не го почитува правилото пола-пола, за кое зборуваше и нашата колешка Атиџе, ќе си остане без пчели“, вели нашиот соговорник.

Тие со својот мед одат по натпревари, Каменово, Белград, Врање, Бујановац, Скопје и не залудно нивниот мед секогаш се враќа оттаму со награди и признанија. И тие самите со задоволство уживаат во својот мед. Дури и толку многу што господин Војо бил опоменат од својот матичен доктор да не претерува.

Кога го прашавме колкава количина мед консумира на дневно ниво, тој срамежливо и колебајќи се дали да ја каже вистината или да скрати малку, ни рече:

„Може не е згодно да кажам ама ако сабајле јадам за појадок сварено млеко со надробен леб, си додавам внатре и 250 грама мед и го јадам цело. За вечера пак не јадам ништо освен чаша млеко и мед или пак вода со мед, како инфузија“.

Главната паша на пчелите овде е мајчина душица, бела детелина и чалија или драка. Господин Војо вели дека Италијанците се луди за мед од чалија, бидејќи лекувал карциноми.

„Кога ќе разберат дека е медот од чалија, не прашуваат за цена“, вели тој.

Станува збор за грмушка, едно од најмедоносните растенија кое е познато и по својата лековитост. Нејзините плодови тркалезни како парички се користат во разни рецептури. Медот од чалија е квалитетен мед со жолта боја кој како што велат, многу тешко, речиси невозможно е да се фалсификува.

Многу брзо кристализира и има многу нежен вкус. Богат е со ацетил-холин, состојка која ја поттикнува циркулацијата и работата на крвниот систем. Помага во намалување на штетниот холестерол. Го јакне имунитетот, помага кај проблеми со дишењето, а се користи и како превенција и за лекување на малигни болести. Госпоѓа Марија додава дека чалијата како чај е ефикасна и кај витилигото.