Во текот на еволуцијата, луѓето се смениле на многу начини, но не и во темпераментот и чувствата. Кога станува збор за емоциите, сè уште важи поделбата на среќа, тага, гнев и вознемиреност, што ја поставил Хипократ пред 2.500 години.
Водени од овие детерминанти, современите експерти, невронутриционисти откриле дека со одредена храна, лошата емоција може да се „преобрати“ во добра, а позитивната да се задржи.
Во состојба на тага, ние спонтано избираме таканаречена тугофилна храна, во која спаѓаат маснотии, слатки и житни култури. Телото треба да се снабдува со храна што го стимулира производството на серотонин, хормонот на среќа и задоволство.
Значи, кога сте тажни, јадете чоколадо, но малку.
Со консумирањето на масти и слатки не треба да се претерува, бидејќи високоенергетските намирници се сконцентрирани со јаглехидрати кои краткотрајно создаваат чувство на добро расположение, а можат да доведат до губење на контролата врз внесот на калории и до здебелување.
Треба да им се даде предност на житарките и производите од цели зрна, бидејќи тие одржуваат ситост подолго време, но и добро расположение.
За да ја зачувате среќата и радоста, како најпосакувано чувство, треба да јадете овошје и зеленчук, бидејќи ова се најздравите намирници.
Кога преовладува лутината, во телото се создава вишок на хормон норадреналин. Неговата активност може да се неутрализира со внесување млеко и млечни производи, како што се сирење, јогурт, кефир. Тоа го поттикнува гаснењето на оваа негативна емоција.
Јогуртот и сирењето ја гаснат лутината, посочуваат нутриционистите. Оваа храна во мозокот влијае на активирање на материи што го кочат бесот и доведуваат до смиреност.
Во состојба на вознемиреност и безволност, се препорачуваат риби и месо. Предност имаат мисиркиното и пилешкото бело месо, но исто така и јагнешкото и телешкото ја намалуваат вознемиреноста и го креваат доброто расположение. Моќните омега 3 масни киселини од рибите ја отстрануваат безволноста, ги враќаат позитивните емоции и ги штитат крвните садови во мозокот.
Фото: Pexels