Ако досега не ја употребувавте често во исхраната, а некои дури и не знаевте на кој начин се консумира, сега е можеби време да почнете со ова.
Келерабата спаѓа во семејството зелки, има малку калории, а многу витамини и минерали што ја прави идеална намирница за зима. Овој зеленчук е посебно богат со железо и витамин Ц, кои се клучни за добар имунитет.
Исхраната богата со келераба му помага на телото да го одржи здраво сврзното ткиво, забите и непцата, а нејзините антиоксидантни состојки го штитат организмот од инфекции и рак.
Келерабата, како и другите членови на семејството на зелки, содржи фитохемикалии поволни за здравјето, како што се сулфорафан и индол-3-карбинол, кои штитат од рак на простатата и рак на дебелото црево.
Иако има малку калории, таа дава чувство на ситост што трае долго време. Содржи 6,2 проценти јаглехидрати, 1,7 проценти протеини и трагови на масти. Таа е одличен извор на витамин Ц (62 мг во 100 гр), што е дури 78 проценти од препорачаната дневна потреба. Ова е многу важен детал, бидејќи витаминот Ц го зајакнува имунитетот, го регулира метаболизмот и го неутрализира дејството на слободните радикали. Келерабата исто така содржи и тиамин, ниацин, пантотенска и фолна киселина, витамин Б6. Од минералите најмногу има калциум, железо, магнезиум, фосфор, бакар и манган.
Келерабата е богат извор на растителни влакна, важни не само за варење, туку и за целокупното здравје на организмот. Тие се одговорни за фактот дека се чувствуваме сити кога јадеме келераби, па затоа е погоден за луѓе кои сакаат да изгубат тежина.
Карактеристично за оваа намирница е што не може да се чува надвор од фрижидерот или замрзнувачот, бидејќи станува дрвенеста, тврда и невкусна. Може да се чува во замрзнувач неколку месеци.
Младите лисја и стеблата исто така се јадат, тие содржат многу важни витамини и минерали, особено каротин и фосфор. Лисјата се особено богати со витамин А провитамин, кој е важен за зачувување на клетките. Од таа причина, нутриционистите советуваат овие делови од келерабите да се користат во исхраната, на пример, за подготовка на супа.
Многу нутриционисти советуваат во исхраната да се внесува свежа келераба токму за да се зачува витаминот Ц кој инаку се губи со термичката обработка.
Младите, сирови плодови се додаваат во сезонски салати, како и во овошни и како прилог со риба, месо, сирење. Зачинете со од оцет или сок од лимон. Се користи и како зачин за леб, како и во јадења со риба и месо.
Ако се готви, целиот плод се вари околу 30 минути, а ако е исечено, доволни се 10 минути, колку да омекне малку. Исто така е вкусно ако се готви и на пареа, а може и да се пржи или да се пече во рерна.
Зимска брза салата
Изрендајте свежа виолетова келераба, бела и црна ротквица, па истурете ги во поголем сад и промешајте. Додадете малку јаболков оцет и маслиново масло, можете исто така сок од лимон или портокал наместо оцет. На крај, прелијте ја салатата со малку павлака и послужете ја веднаш.
Инаку, има експерти кои предупредуваат дека некои зеленчуци не треба да се користат свежи. Свежата келераба, прокељот, карфиолот и кељот, велат тие, содржат струмогени супстанции и премногу од овој зеленчук може да предизвика гушавост. Со цел да се зачуваат сите важни супстанции, се советува како најдобра опција, овој зеленчук да се готви на пареа. Но ние мислиме дека никој нема да изеде толку големи количини и да претера ако ја консумира келерабата и свежа, во салата.
Фото: Pixabay