Слаткарче, Pelargonium odoratissimum, мискимбре, итер, барбароза, не знаеме како вие ја викате оваа украсна билка чии ливчиња обично се додаваат во мармалади и слатка, но слатко со рендани дуњи од кујната на госпоѓа Зорица Блажевска е посебно токму поради овој мал, ароматичен додаток.
Оваа билка, освен што е ароматична, е и многу полезна и лековита. Самото вдишување на нејзината арома му помага на вашиот имунитет.
Па старите велат, скинете едно ливче и протријте го низ раката за да се ослободи неговото етерично масло. Вдишувајте го овој мирис кога не се чувствувате добро и кога сте болни.
А еве го и рецептот за слаткото од рендани дуњи:
Ви требаат:
1 кг дуњи
500 г шеќер
2 чаши вода
сок од 1 лимон
2-3 ливчиња слаткарче
Приготвување:
Исчистените дуњи изрендајте ги на крупно ренде.
Сварете сируп од шеќерот и вода, додадете ги дуњите и варете додека не почнат да се згуснуваат. Додадете го и сокот од лимон и ливчињата слаткарче и топлото слатко префрлете го во загреани тегли и затворете ги.