Шеф Маре Јаневска е готвачка во британската резиденција и цели 13 години се грижи за сѐ што е поврзано со храна и менаџирање на британската резиденција. Затоа и сега, додека сме во ситуација на самоизолација, кога ќе каже дека работи од дома, не замислувајте дека готви онлајн, туку си ги извршува останатите обврски кои ги има како шеф на резиденцијата.
„Ги почитуваме препораките и седиме дома. Не е лесно, секој ден е посебна приказна, но сега за сега добро се држиме.
Јас работам од дома. Имам должности кои секојдневно ги извршувам во консултација со претпоставените, имаме состаноци, се разбира, онлајн, а исто така сум достапна и за секој кој има потреба од било каква консултација, совет и сѐ друго поврзано со храна и готвење.
Апелирам до сите кои се во можност да си готват дома затоа што треба да си обезбедиме безбедна храна, а тоа што го внесуваме сега во оваа ситуација, повеќе од кога било, треба да биде здраво, чисто и да знаеме од каде потекнува. Кај нас дома секој ден се готви, бидејќи сум дома претежно ги правиме омилените јадења, пасти, тортиљи, чили кон карне, пици, бургери, но тоа не значи дека не внесуваме и супи, чорби, салати, свежи сокови. Што се однесува до тоа како ни поминува денот, има од сѐ по нешто – учиме, играме друштвени игри, гледаме стари слики, филмови, пуштаме гласно музика и си правиме журки, се гушкаме, се глупираме, одмараме. Мојот омилен дел при крајот на денот е кога ќе се пикнам во некое ќоше, ќе ја фатам книгата и ќе го одморам мозокот од целава ситуација. Тоа е единственото нешто што ме оттргнува од секојдневниот притисок, од вестите и стресот. Ми недостасуваат прошетките надвор, на сонце, ми недостасуваат дружите со блиските луѓе, накусо, ми недостасуваат нормалните денови кога сѐ си функционираше слободно. Но, оптимисти сме, гледаме позитивно на ситуацијата и најважно од сѐ, ги почитуваме правилата, за да останеме безбедни и ние и тие околу нас“, вели шеф Маре.
Она што таа, нејзиниот су-шеф Марко и 16-годишниот Давид го спремаат деновиве најчесто за нивното четиричлено семејство, се домашните здрави бургери од интегрално лебче, мисиркино месо и специјалниот лажен мајонез направен од павлака, сенф, ворчестер сос и црн пипер.
„ Марко е одговорен за лажниот мајонез и за редењето на бургерот, а бато Давид за печениот кромид“, ни раскажа шеф Маре и се врати да си го догледа со своите синови филмот ‘Кунг-фу Панда’, за крај на уште еден мирен семеен ден – во карантин.