Кога сакате на брзина нешто да грицнете, а имате само стар леб, имате неколку опции: тост, пржени (или печени во рерна) кришки леб со јајца и, се разбира, брускети. Ако не ви се вклучува рерна, и нив можете да ги направите на тостер.
Еве како го прави тоа нашиот читател Стефан Русевски.
Исечете го лебот на парчиња, а ако станува збор за голема векна, исечете ја секоја кришка уште на пола. Премачкајте ги со путер кој претходно стоел на собна температура. Испечете ги на тостер за да станат кррцкави. Потоа наредете одозгора тенки парчиња кашкавал и спуштете го горниот дел од тостерот, но не ги притискајте како кога се прават тостови.
Кога ќе се стопи кашкавалот, извадете ги и јадете ги, на пример, со некој свеж зелен зеленчук, спанаќ, рукола или цветчиња од брокула или пак, ако немате ништо свежо, со песто.