Идејата за преработка на комиње во прехранбен адитив наградена на регионален натпревар за зелени идеи

Здружението за социјални иновации „АРНО“, шеста година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 70 илјади долари за развој на зелени бизниси во земјава

0
146

На 3-ти и 4-ти септември по 9-ти пат, годинава во онлајн формат, се одржа регионалниот натпревар „Зелени идеи“, на кој учесниците од 7 земји се натпреваруваа во категориите „Зелени концепти – поддршка до 5.000 $“ и категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000$” за една од петте награди на натпреварот. Македонската зелена идеја „Вајс адитив“ на Софија Дацева победи во категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000$“ и стана седмата македонска зелена идеја која е наградена на регионално ниво.

Покрај македонската идеја „Вајс адитив“, меѓународното експертско жири за победници со поддршка до 10.000 долари ги прогласи и идеите „Чистење на Медитеранот (Mediterranean Cleanup) од Грција и „Градот и јас (City and Me)“ од Србија, додека поддршка од 5.000 долари добија идеите „Зелени школски денови (Green School Days)“ од Грција и “Рачни изработки Ринора (Rinora Handmade)“ од Албанија.

„Би сакала да изразам голема благодарност до целиот тим на АРНО за константната поддршка и шансата за учество на регионалниот натпревар. Наградите од националниот и регионалниот натпревар ќе ни помогнат да го оптимизираме веќе развиениот производ на мултифункционален адитив од комиње. Посебно сум среќна што ВАЈС Адитив  беше избран како еден од победниците на Balkan Green Ideas 2020 и се надевам дека во иднина како земја ќе продолжиме да се движиме во насока на развој на бизниси кои имаат зелена компонента“, изјави победничката.

Речиси една деценија, натпреварот „Зелени идеи“ поддржува воспоставување и развој на успешни бизнис идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Овој регионален натпревар, исто така, континуирано ја поддржува улогата на филантропијата во ангажирањето на локалните заедници за развивање на зелени бизнис идеи што ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство во локалните заедници. Ова е петти пат македонските зелени идеи да се наградени на регионално ниво, и досега вкупно 7 македонски победнички идеи имаат освоено по 10 000 долари за реализација на зелените бизниси.

„Уште еднаш докажавме дека во нашата земја има оригинални зелени идеи, млади лица кои посветено работат на подобрување на зелената и социјална економија во нашата земја. Овогодинешниот регионален натпревар на зелени идеи имаше огромна конкуренција на идеите и за честитање е што токму наша идеја е меѓу првопласираните победници.  АРНО го администрира овој натпревар веќе 6 години по ред, токму затоа што како организација веруваме дека ваквите активности помагаат за развивање на малите локални бизниси, а со тоа се придонесува кон развој на социјалното претприемништво и зелената економија во нашата земја. Упатуваме голема благодарност до жири комисијата на овој натпревар, медиумите кои секогаш не’ поддржуваат, на нашите национални победници и на сите идеи кои учествуваат и придонесуваат за континуиран развој на овој натпревар“, изјави Ивона Крстевска од АРНО.

За натпреварот

Инаку, „Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Петте претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идеите во своите земји. Натпреварот е поддржан од Фондацијата на браќата Рокфелер од САД, координиран од Балканската зелена фондација (Balkan Green Foundation) и имплементиран од националните фондации во секоја од земјите.

За сите досегашни победници

Здружението за социјални иновации „АРНО“, шеста година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 70 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: 1)Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), 2) Инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), 3) платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година) и 4) едукација преку илузионистички еко-пораки „Еко илузија“ (2017 год), минатогодишните победници кои произведуваат ориз на одржлив начин 5)„ Био смарт ориз“ (2019 год) и 6)„Challenger“ (2019 год.) мобилната апликација која ги мотивира луѓето да одат пеш или да возат велосипед и овогодинешната победничка идеја 7) „Вајс адитив“ (2020 год.) која преку принципот на циркуларна економија произведува прехрабен адитив добиен со преработка на комиње.