Нашата редовна читателка Ана Радованац ја наследила ‘алатката’ за шпецли од својата мајка која пак ја добила од своите роднини во Германија. Откако го видела видеото на Џејми Оливер во кое тој прави шпецли заедно со една баба со потекло од Германија, добила желба да ги испроба.
Вели дека Џејми во видеото наместо со оваа алатка ги направил со помош на метална цедална за шпагети.
А еве го и рецептот:
Состојки:
За тестото:
6 јајца
300 г брашно
100 мл млеко
малку сол
Додатоци:
400 мл крем за готвење
150 г рендан кашкавал
1-2 главици кромид
путер или масло
Приготвување:
Состојките за тестото се мешаат со миксер. Ќе добиете погусто тесто од тестото за палачинки.
Истурете го тестото во цедалката и со помош на пластична плосната лажица или нешто слично, помогнете му на тестото да излезе низ дупчињата (ситни мали топчиња, како мали кнедлички) право во зовриената вода. Кога ќе испливаат на површината, извадете ги со дупчеста лажица.
Ставете ги шпецлите во тава, додадете го кремот за готвење и ренданиот кашкавал. Настрана испржете сечкан кромид на путер или на масло и мешајте додека не се зарумени. Со ова прелијте ги шпецлите и ставете ја тавата во загреана рерна. Нека се пече 10-15 минути.