Зелникот на мама

Сите имаме некое јадење кое не потсетува на детството затоа што ни го правеле нашите мајки, баби, татковци, дедовци... Иако на интернет има куп рецепти, ако не ги запишете овие додека се уште има кој да ви ги каже, никогаш нема да го добиете вкусот кој толку многу сте го сакале

0
309

Иако од секогаш биле поценети суканите пити со тенки кори, кај нас дома секогаш се јаделе овие, со дебели витки. Таков беше зелникот што го правеше мајка ни и постојано повторуваше: ова треба да е потенко, ама јас не научив да ги тегнам како баба ви, па ќе си јадете зелник со дебели витки.

Јас ги обожавав тие дебели витки.

Откако се разболе од Алцхајмер, како дел од терапијата за која ние тука само читаме дека се практикува таму некаде далеку од нашава држава, еден ден ѝ рековме на мајка ни дека ни се јаде од нејзината убава пита. Ни ги побара состојките и кажа: ќе пробам, ама одамна не сум правела, сум заборавила како беше.

Ја правеше долго, немаше сила во рацете како порано, а количината на брашно што го употреби беше иста како во старите добри денови кога правеше огромни количини храна, да има за сите, дури и за тие што не живеат веќе тука.

Тоа беше последната пита што ја направи. Превкусна. Штета што не ја фотографиравме готовата пита, туку само го снимавме процесот во неколку наврати. Побитно ни беше да видиме како ова ќе делува на мајка ни, сакавме да се чувствува повторно важна, незаменлива, каква што беше порано. А питата ја изедовме во сласт.

Овие денови во мислите ми е тој нејзин убав зелник. Рецептот, оној по кој си го правеше порано, додека беше здрава, никогаш не го запишав. За волја на вистината, таа секогаш тој зелник си го правеше од ѓутуре, по осет, ама жал ми е што не запишав барем отприлика.

Денеска се обидов да направам нешто слично. Знам дека има дебели витки како зелникот на мајка ми, ама вкусот…не е како нејзиниот.

Еве го мојот рецепт:

1 кг брашно плус уште 50-100 г г за додавање или за поросување

1 сув квасец

170 мл зејтин

1 лажичка шеќер

½ лажичка сол

Околу 450 мл млака вода

100-150 гр путер за премачкување

За филот

3 праза

300 г урда

2 јајца

Сусам за поросување

Приготвување:

Се замесува тесто од горенаведените состојки. Тестото треба да е меко, па постепено додавајте од водата и од брашното и ако има потреба зголемете, намалете. Измесете го убаво и поделете го на две топчиња. Едното нека биде поголемо. Оставете ги дваесетина минути, покриени со крпа.

Земете го поголемото топче и расукајте го во круг. Целата кора намачкајте ја со путер кој претходно треба да стои на собна температура. Сепак нема да се размачкува убаво, но не е важно. Некаде нека има повеќе, некаде помалку, секако ќе се стопи подоцна. Засечете го кругот на 9 делови, но не ги сечете до крај, за да можете да ги преклопувате. Јас ги преклопував како што ми дојде, битно е на крајот да добиете повторно тркалезна форма.

Повторете го истото и со другиот дел од тестото. Покријте ги со крпата и оставете да одморат 30-40 минути, а за тоа време подгответе го филот.

Празот исечкајте го на ситно и пропржете го со малку зејтин, колку да омекне. Оставете го да се олади, па потоа додадете ги урдата и јајцата и зачинете со сол и со црн пипер. Ако ставате сирење, веројатно нема да ви треба сол.

Откако тестото ќе надојде, расукајте го прво поголемиот дел додека не добиете кора малку поголема од големината на плехот во кој ќе печете.

Ставете ја кората во подмачкана тепсија и оставете ги краевите од тестото надвор од тепсијата. Распоредете го одозгора филот и ставете ја и другата кора и со неа направете набори. Потоа затворете со долната кора и направете ја витката.

Избоцкајте ја питата со вилушка и расфрлете одозгора малечки парчиња путер, поросете ако сакате со сусам и ставете ја да се пече во загреана рерна. Печете прво 10 минути на 200, а потоа намалете на 180 степени и печете уште околу 30 минути, додека не порумени.

Попрскајте малку со вода, и покријте со крпа. Кога ќе се подизлади, можете да ја сечете.