За некого и мајонезот е лек!

Чудесен лек: мајонезот е спас за морските желки кои настрадаа во најголемата еколошка катастрофа во историјата на Израел кога десетици тони мазут се исфрлени на големи подрачја долж средоземниот брег на таа земја!

0
153

Додека израелските власти бараат виновник за невидената еколошка катастрофа, кога десетици тони мазут се исфрлени на големи подрачја долж средоземниот брег на Израел, спасувачите нашле креативен начин да им помогнат на морските желки.
Кога станува збор за спасување на загрозените морски желки, израелските спасувачи откриле дека мајонезот може да биде чудесен лек, пишува The Times of Israel.

Вработените во Израелскиот национален центар за спасување на морските желки ја отстрануваат токсичната материја од дишните патишта на желката, а исто така откриле и креативен начин како да ја исфрлат од нивниот дигестивен тракт.

Тие одлучиле да користат мајонез за лекување на загрозениот вид на зелени желки затруени од излевањето на нафта што предизвика невидена штета, загадувајќи го израелскиот брег со дебел црн катран.

Гај Ајвги, ветеринар во Центарот за спасување на морските желки во градот Михморет, северно од Тел Авив, изјавил дека во моментов таму лекуваат 11 желки, кои по консултациите одлучиле да ги хранат со мајонез затоа што тој придонесува за разградување на нафтата и на тој начин им се чисти организмот.

Излевањето на нафтата од израелската управа за заштита на природата и парковите ја нарекол една од најлошите еколошки катастрофи во земјата, а зафатила поголем дел од израелскиот брег.

„Овие кутри животни се полни со катран. Нивните душници се полни со катран внатре и надвор”, рекол Ајвги, додавајќи дека очекува заздравувањето да трае од една до две недели, а потоа желките ќе бидат ослободени. „Ние ќе продолжиме да ги храниме со мајонез, кој го чисти дигестивниот систем затоа што го разградува катранот“, објаснил Ајвги.

Илјадници доброволци учествуваат во напорите за отстранување на катранот од израелските плажи и крајбрежјето долго 195 километри, што може да трае со месеци.

Фото: Pixabay