Живот, благ како лешник, горчлив како по некој бадем, лут како чили, убав како путер

„Поради нашето долгогодишно експериментирање со здрава исхрана и интересни вкусови една доцна вечер го направивме и нашиот прв путер. Од старт го погодивме рецептот и кога го пробавме и двајцата бевме едноставно воодушевени од вкусот. Така некако почна и целата приказна“, велат Марија и Антонио Димовски, творци на здрави и вкусни, органски путери од јатки

0
1263

Марија и Антонио Димовски ги запознав на неодамнешниот настан на организацијата Слоу фуд. Ми ги претставија како нови членови на оваа непрофитна организација чии членови го поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон заедницата и животната средина. Задоволство беше да се проба и нивната добра храна – оние превкусни путери од лешници, бадеми и кикирики, кои веќе ги имав видено на полиците во продавницата за здрава храна „Лара-ви“ во Тафталиџе, но и во многу други маркети и продавници за здрава храна низ градов. Бонита!

Замислете, излезе дека тие двајца живеат во куќата зад нашата и дека Антонио е детето со кое мојот син се дружеше како мал. Неее, не го препознав, ‘ми светна’ откако ми кажа каде живее и како се вика. Полека маглата почна да ми се крева и зад ликот на овој 27-годишник почна да ми се наѕира ликот на десетгодишникот кој заедно со Горазд и третиот ‘мускетар’ – Мартин, лудуваа на ‘тромеѓето’ Варшавска, Нобелова и Виенска.

Можете да си замислите колку станавме ние луѓето оттуѓени? Имаше ли шанси порано да не се сретнете со соседите кои живеат зад вас, во чија куќа гледате од вашата дневна соба, а кога сте на тераса можете да им ‘плукнете’ во дворот? И тоа, да не се сретнете речиси 20 години!

Епа ете, можно било. Не се сретнале ниту тие двајца, а верувам, тројцата заедно последен пат се виделе уште пред да почнат да им мутираат гласовите.

Како и да е, кога дознав дека токму тој Антонио и неговата сопруга Марија се  ‘творците’ на оние убави сетови со теглички полни со вкусни путери од лешници, бадеми и кикирики во различни комбинации и вкусови, кои се патем, одлични за подарок, ми беше уште поинтересно да дознаам како воопшто почнале да се занимаваат со ова. И додека во устата полека го топев путерот од лешник намачкан на половина урма (вкус кој не се заборава), Марија и Антонио почнаа да ми ја раскажуваат својата ‘приказна од путер’.

„Приказната со Бонита официјално започна пред точно една година, иако подготовките траеја една година претходно.

Органските производи на Бонита (Bonita) се дел од нашата семејна приказна и го рефлектира она што ние го правиме како нешто што е најдобро и за себе. Почнавме со производството во 2018 година, а нашата намера е да помогнеме во развојот на здрав начин на живот на целата заедница, со што би се зголемил и неговиот квалитет, а со оглед на тоа што и двајцата сме големи поборници за здрав начин на исхрана и здрав животен стил, ова ни се виде како одлична можност. ‘Ние сме тоа што јадеме’, рекол Хипократ, и ние веруваме длабоко во оваа реченица која секојдневно се потврдува.

Здравата и добра исхрана, ни овозможуваат исполнување на секојдневните активности и уживање со полн капацитет во животот.

Како промотори на здрав начин на живот, ние инвестиравме многу љубов, грижа и секако, квалитетни состојки, во ова што го правиме, а тоа е – производство на органски сертифицирани путери од јаткасто овошје, во комбинација со други состојки и во различни варијации и вкусови, без употреба на супстанции што нашето тело не ги препознава и работи што можат да ни наштетат.

Путерите ‘Бонита’ ни најмалку не се слични со индустриските кремови од типот на Нутела, и слични кои ние и онака и претходно не сме ги консумирале, или сме ги консумирале многу ретко, бидејќи и двајцата спортуваме и практикуваме здрав начин на живот па тие никогаш не се вклопувале во него.

Путерите од јатки и претходно беа дел од нашата исхрана во најразлични комбинации па оттаму дојде и инспирацијата да ги понудиме овие превкусни производи на пазарот.

Првиот путер што го направивме беше путер од лешник со какао и чили.

Поради нашето долгогодишно експериментирање со здрава исхрана и интересни вкусови една доцна вечер го направивме и нашиот прв путер. Од старт го погодивме рецептот и кога го пробавме и двајцата бевме едноставно воодушевени од вкусот. Така некако почна и целата приказна. Останавме цела вечер да си разговараме и да правиме планови како оваа магија која ја почувствувавме, да се рашири и да се претвори во успешна приказна“, вели Марија.

Засега тие имаат шест различни вкусови на путери – 100 процентен лешник, лешник со какао, нивниот првенец – путер од лешник со какао и чили, 100 процентен бадем, бадем со мед и цимет и се разбира, путер од кикирики. „Покрај ова, имаме и еден сет од 3 путерчиња – лешник, бадем и лешник со какао, кој е одличен како подарок.

Кога ги креиравме овие прозводи, на прво место ни беше да создадеме здрав производ без додаден шеќер, масла и сѐ останато што може да му наштети на нашето тело. Експлозија од вкусови со врвен квалитет, едноставни за употреба и погодни за секого. Сертифицирани органски, соодветни за дијабетичари, вегани и вегетаријанци, за интолерантни на глутен и лактоза, за деца, за спортисти.

Сировините од кои се направени овие највкусни путери од јатки се наши, македонски, со врвен квалитет и со органски сертификат“, објаснува Тони.

Иако целата организација и концепт го осмислуваат тие двајца, имаат и соработници од различни области кои им помагаат во целокупниот процес.

Тие двајца се вистински пример за тоа како вложувањето во здравјето не мора да биде одлука која ќе ја донесеме кога ќе станеме средовечни и со многу здравствени проблеми, туку додека сме сѐ уште млади и здрави.

„Ние се храниме здраво и многу внимаваме што внесуваме. Може да се каже дека речиси воопшто или премногу ретко внесуваме т.н. ‘junk food’, вежбаме минимум три пати неделно, а кога имаме време и почесто, возиме велосипеди, планинариме, медитираме и едноставно даваме сѐ од себе за да живееме здрав живот во буквална смисла“, велат тие.

Што се однесува до останатите обврски, оние секојдневните, кај нив се рамноправно поделени. Појадокот и некоја од ужинките ги спрема Антонио, а а главното јадење и вечерите – Марија.

„Поради динамичното темпо на живот, често немаме време па се случува да земеме по некоја лажичка путер од тегличка со едно јаболко, банана или урми и тоа да биде нашата ужинка.

Кога имаме време, си подготвуваме интересни и несекојдневни рецепти и тоа секогаш го правиме заедно. Едноставно, двајцата уживаме во кујната!“, признаваат тие.

Тие сѐ уште немаат деца, но децата на нивните најблиски ги обожаваат нивните путери и редовно ги користат во исхраната.

Секако, редовно ги користат и самите, па така, путерот од бадем со мед и цимет најчесто го користат со тиква и во смути. Лешникот со какао – на палачинки, вафли или директно од тегличка. Чистите вкусови на бадем и лешник во солени варијанти. Какао и чили од тегличка, а во пролет со свежи јагоди. На социјалните медиуми, Инстаграм и Фејсбук, често објавуваат рецепти кои самите ги направиле и тврдат – се испробано добри.

Своите гости, пријатели и роднини често ги изненадуваат со некој интересен десерт или некоја солена комбинација во која, се разбира, неизбежен дел се нивните путери.