Еве една одлична веге варијанта на растурена сарма од штавел која по изгледот многу повеќе личи на мусака.
Состојки:
2 китки големи листови штавел
1-2 модри патлиџани
1 шолјичка ориз
2 млади кромитчиња
2 млади лукиња
2 јајца
1 павлака
масло
сол, црн пипер и зачини по желба
Приготвување:
Измијте ги листовите штавел.
Пропржете ги кромитчето и лукот, па додадете го оризот, зачинете и пропржете уште малку.
Во огноотпорен сад ставете малку масло, и направете подлога од крупно исечкани листови штавел, а одозгора наредете тенко исечени парчиња модри патлиџани. Ние овојпат ги искористивме последните печени замрзнати модри патлиџани од замрзнувачот.
Ставете ги пропржените кромитчиња, лукче и оризот, а одозгора ставете ги преостанатите исечкани листови штавел. Додадете малку вода и ставете да се пече во загреана рерна околу половина час или додека не се сварат зрната ориз. Потоа прелијте со изматени јајца и павлака, допечете уште 10 минути и ‘сармата’ од штавел е готова.