Иако голем дел од редовните гости во ресторанот „Естел“ кој до неодамна функционираше во скопско Дебар Маало, по затворањето останаа разочарани и копнееја по својата утринска чорба, но и по домаќинските готвени јадења кои можеа да ги добијат тука, шеф Зоран Мајновски или, како што го викаат неговите пријатели и колеги, Зоки Спиди, не ги остави долго да тагуваат.
Во ова време невреме, кога повеќето ги затвораат дуќаните, рестораните и бизнисите, тој го заживеа својот долгогодишен сон. На 11.ноември, на нова локација, во населбата Аеродром, ја почна својата нова семејна приказна – Естел Фуд Гуру.
„На наше огромно задоволство сакаме да објавиме дека со голем ентузијазам се впуштаме во нови авантури и предизвици. Ресторан ‘Естел’ со нова локација во Аеродром како ‘Естел Фуд Гуру’ и официјално започна со работа.
Ве очекуваме да дојдете и да ги вкусите нашите прекрасни јадења кои се голтаат со поглед, а секој залак е зачинет со посветеност и љубов…Нека продолжи приказната…Ве очекуваме драги наши!“, порачуваат од Естел Фуд Гуру, Зоки и неговото семејство, сопругата Габи и синовите Мартин и Марко.
А дека станува збор за домашна храна зготвена со многу љубов доволно зборува и тоа што отсега во нивниот семеен дом нема да се готви. Со оглед на тоа што целото семејство е ангажирано во новиот заеднички проект, и тие повеќе нема да готват дома, туку ќе се хранат со јадењата кои секојдневно се прават тука, во нивниот ‘бутик’ за храна.
„Да, сега сигурно нема да готвиме по дома, доволно е тоа што го правиме тука и за сите нас. Глупаво би било да готвиме и дома кога веќе сме сите во оваа работа и готвиме и за нас и за сите други кои ја сакаат нашата домашна храна. Инаку, иако отворивме само пред неколку дена, позитивно сме изненадени од одзивот и интересот на гостите кои доаѓаат да видат што има за јадење па прашуваат што ќе има утре, а има интерес и по телефон и по социјалните мрежи. Најчести купувачи се младите брачни двојки и студентите, но има и пензионери кои сакаат да си земат јадења што обично бараат повеќе работа, од типот на чорби, турлитава, сарми“, вели шеф Зоки.
Инаку, приказната Естел Фуд Гуру тлее веќе една година, бидејќи се барала локација токму во овој дел од градот, кадешто има голема концентрација на луѓе.
„Нашата локација се наоѓа во новите згради во Аеродром кадешто има голема концентрација на народ, претежно млади брачни двојки. Целта ми беше да направам ‘бутик’ за храна и мислам дека си го исполнив сонот. Ова е место кадешто ќе можам да ја покажам сета моја креација на едно место заедно со мојата фамилија. Имено, во оваа приказна сме вклучени сите, мојата сопруга Габи која ми помага околу кујната и ќе биде задолжена за слаткиот дел, едниот син, Мартин, е задолжен околу продажбата, презентацијата и испораката на храната со која сакаме наскоро да започнеме, а тука е и другиот син, Марко, кој е студент на менаџмент и секое слободно време го користи да помогне во дуќанот. Со нас е и Ане, која ѝ е сестра на Габи и е задолжена за продажбата, а тука се и Сара и Буцо кои ми помагаат секојдневно во кујната. Се разбира, го задржуваме и нашето старо мото, кое сега важи повеќе од кога и да е: „Не гответе по дома, ние готвиме за вас!“, порачува Зоки.
Тој е член и на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд, како и на Macedonian Multiethnic Culinary Chef или скратено, M.M.C.C., заедно со своите колеги Дејан Карапеев, Зоран Андонов, Бобан Симоновски и Никола Мишковски кои рамо до рамо со него го красат излогот на овој бутик за храна. Токму оваа петорка е доказ дека човек на човека не мора да му е волк, туку поддршка и пријател. Којзнае, можеби причината за ова е што се сите извонредни во својата професија, сите се врвни готвачи, секој од нив посебен по својата приказна, па не се чувствуваат како конкуренти, туку напротив, како вистински колеги кои можат да се потпрат еден на друг.
„На излогот се ставени моите пријатели и другари од Multiethnic Culinary Chef, кои во секој слободен момент ми помагаат и ми даваат идеи за готвење. Дејан Карапеев, Зоран Андонов, Бобан Симоновски и Никола Мишковски се мои колеги, но и моја поддршка“, вели Зоки.
Инаку, во Естел Фуд Гуру секој ден се подготвуваат најмалку 30 готвени јадења, повеќето македонски традиционални јадења. Некои се менуваат секој ден (70%), но некои, од типот на ориз, компир, гравче, зеленчук на скара, мора да ги прават и да ги имаат секој ден.
„Наскоро ќе почнеме и со испорака на храна и ќе се потрудиме да го опфатиме целиот град, а ќе има можност и за претплата на неделно или пак на месечно мени.
На пример, едно четиричлено семејство ќе може да го добие својот дневен ручек или вечера за сума од отприлика 600 до 800 денари. Секој ден имаме објава на социјалните мрежи за тоа што ќе се готви дента. Фуд Гуру Естел ке биде бутик за храна кадешто луѓето ќе можат да ги вкусат сите јадења кои некогаш ги помислиле, но и такви за кои никогаш претходно не слушнале“, ветува шеф Зоран, по малку изморен, но и исполнет и среќен, опкружен со најблиските во нивниот приватен рај во кој не би ви препорачале да влегувате кога сте премногу гладни затоа што, верувајте, нема да знаете што побргу да земете.
А таму, од надворешноста до внатрешното уредување и дизајн (инаку дело на Мемо дизајн), садовите за храната, дрвените гајбички за намирниците и самата храна, сѐ е светски и модерно, а сепак едноставно, и истовремено, чудесно.
И доказ дека креативните и добри луѓе секогаш се изнаоѓаат меѓусебно за да ја дополнат приказната. Така и во случајов, вистинските луѓе се нашле на вистинското место, па и Марјан Сапунџиев со своите дрвени додатоци го облагородил и дал свој придонес во дел од ентериерот на овој новоотворен Бутик за храна.