Експрес леб во сто варијанти: Истурете, измешајте, испечете

Кога еднаш ќе го направите, ќе го правите постојано, но секогаш во различни варијанти. Мешајте различни брашна, масла, семки и зачини и секој ден имајте тазе домашно лепче

0
440

Најдоброто нешто за овој леб е што се прави навистина многу брзо, не се меси, ниту се чека да стаса, а може да го прави секој, па дури и дете.

Ние го правиме секогаш со различни брашна, зачини и други додатоци за да не ни здодее, но секогаш е многу вкусен.

Состојки:

Обично го правиме со 600 г брашно (најразлично). На пример, помешајте 200 г интегрално, 200 г бело, 200 г пченкарно, или пак, 200 г спелтино брашно, 200 грама интегрално и 200 грама пченкарно….варијации има навистина безброј.

Може да се прави со 500 мл кисела вода или пак пола од течноста може да биде јогурт.

Ставаме по 2-3 лажици масло (маслиново, масло од тиква, растопен путер,…)

1 прашок за пециво, сол и црн пипер, 1 лажичка шеќер или мед

Сите состојки ги мешаме со дрвена лажица, но не очекувајте да добиете тесто за месење. Смесата е леплива и само ја мешате со лажицата, додавате по желба семиња. чиа семе, сусам, семки, некој зачин, по ваш избор, и претурате во подмачкан сад за печење.

Се пече околу 35-40 минути, во зависност од рерната.

Кога е готово, премачкаје го со масло по избор за да не биде тврдо и покријте го со крпа додека не се излади.

Следниот ден направете си нова ‘доза’.