Еве што може да се случи ако случајно изедете мувла и од кои намирници можете да ја исчистите

Повеќето здрави луѓе можат повремено случајно да изедат парче мувла без никакви последици, но сепак, не е препорачливо да го јадете мармаладот откако ќе ја исчистите мувлата

0
789

Уживавте во вашиот појадок, а потоа забележавте дека на вашиот мафин што го купивте пред два дена се појавила мувла? Само неколку зелени точки. Веќе каснавте два залака и се прашувате дали тоа може да ве разболи. Како прво, нема причина за паника. Повеќето здрави луѓе повремено можат случајно да изедат парче мувла без никакви последици. Реакцијата во голема мера зависи од тоа за каков вид на храна станува збор, но и од вашата здравствена состојба, особено од имунолошкиот систем.

Што е воопшто мувлата?

Мувлата е всушност микроскопска габа која може да расте на дрво, хартија, тепих, храна и на некои градежни материјали. За да се размножуваат, на габите од мувла им требаат вода и влага. Каде и да има влага и кислород, може да се развијат габички, а тоа го вклучува вашиот, на пример, многу стар душек.

„Постојат толку многу видови габички, според некои околу 300 000 или дури и повеќе и затоа оние што се појавија на вашиот појадок може да изгледаат поразлично од оние на месото што сте сакале да го јадете за ручек. За разлика од бактериите, габите се видливи дури и без микроскоп. Тие имаат нишковидна структура, а нитките се состојат од цевчести клетки кои формираат испреплетена маса. Нитките можат да навлезат длабоко во намирницата, а на нивниот врв што се издига над површината на намирницата има спори. Спорите на мувлата даваат различни бои и помагаат во нивното ширење од една на друга површина. Ако скинете глуварче и дувнете во него, семките ќе се разлетаат во воздухот, а на ист начин и мувлата „патува“ од едно на друго место, ги контаминира намирниците и предизвикува нивно расипување“, објаснува др. Елена Иванина, гастроентеролог во болницата Ленокс Хил во Њујорк.

Проф. Роберт Гравани од Корнел Колеџот за земјоделство и животни науки во Њујорк, вели дека мувлата е природен деконструктор. Со други зборови, ако има мувла на овошјето, тоа ќе изгние и ќе се распадне со текот на времето. Во ова габите се многу ефикасни. Тие брзо се размножуваат во топла и влажна средина, но тоа не значи дека не можат да се прошират и на некоја намирница во вашиот фрижидер. Покрај тоа, тие се многу отпорни и добро толерираат конзерванси како што се сол и шеќер.

Добра и лоша мувла

Не e секоја мувла лоша за здравјето, напротив, некои видови можат да бидат многу корисни. Антибиотикот пеницилин кој спаси многу животи е направен од мувлата Пеницилиум, а и некои тврди сирења се исто така направени од мувла.

Алергиски реакции на мувла

„Некои луѓе се алергични на мувла. Главно, станува збор за мувла присутна во околината, а не онаа на храната, но кај таквите лица, изложеноста на мувла може да предизвика повраќање, дијареја или главоболки“, вели др. Иванина. Скриените спори на мувлата може да се појават во вашиот дом и да предизвикаат здравствени проблеми кај таквите луѓе. Ако страдате од некоја болест што влијае на вашиот имунолошки систем, изложеноста на мувла може да биде многу опасна.

„Во тој случај може да имате многу полоша реакција по конзумирањето мувла во споредба со повеќето луѓе. Тоа е затоа што немате здрав имунолошки систем кој би ја запрел таквата реакција“, предупредува др. Иванина.

Некои видови мувла лачат токсични материи

Помал број на мувли лачат микотоксини или токсични материи што можат да бидат многу штетни за вас. На пример, мувла од еден вид габа наречена Aspergillus може да предизвика афлатоксикоза, опасна по живот форма на труење со храна што може да го оштети црниот дроб. Овој вид мувла обично се крие во житарките, семките како што се семки од сончоглед, кикирики или соја. Тие микотоксини се поврзани со карцином кај животните и можат да предизвикаат оштетување на црниот дроб кај луѓето.

Кога да се фрли, а кога да се исчисти

Сирења

Тврди сирења: (не ги мешајте тврдите сирења направени од мувла) можете да ги консумирате ако исечете најмалку 2,5 см околу и под мувлата. Ставете го ножот што подалеку од мувлата за да не ги раширите спорите по остатокот од сирењето.

Меки сирења: Ако видите мувла на кој било вид меко сирење, крем сирење, урда или листови сирење, фрлете го веднаш. Покрај мувла, таму може да се најдат и бактерии.

Зеленчук и овошје

Меко: Ако забележите траги од мувла на меко овошје или зеленчук, како што се праски или домати, фрлете го бидејќи може да биде загадено под површината. Запомнете дека нишките од мувлата може да продрат длабоко во намирницата.

Тврдо: Ако ги отсечете сите делови зафатени со мувлата, остатокот може да го јадете. Причината за тоа е дека тврдото овошје и зеленчук, како што се зелката, морковот или јаболката, имаат помала содржина на влага и мувлата не може толку лесно да продре длабоко во нив.

Месо, сланина и виршли

Правилото е дека ваквите производи, доколку имаат траги од мувла, се фрлаат затоа што можат да бидат заразени со мувла длабоко под површината, а заедно со мувлата може да бидат контаминирани и со бактерии.

Тврди салами и колбаси

Можете да ги консумирате ако ја истругате видливата мувла од површината.

Варена храна и остатоци од термички обработено месо, вклучувајќи живина
Фрлете ја таквата храна веднаш затоа што постои голема веројатност мувлата да навлезе длабоко во неа, како и да има и бактерии.

Варени житарки и тестенини

Истото важи и за останатите готвени јадења, фрлете ги.

Јогурт и павлака

Ако забележите мувла, веднаш фрлете ги павлаката и јогуртот. Сигурно се раширила и под површината, а со тоа и бактериите.

Џемови и мармалади

И тоа треба да се фрли, ако има мувла. Овие намирници можат да произведат микотоксин доколку на нив се појави мувла и затоа секој микробиолог ќе ви каже дека во никој случај не треба да ја чистите мувлата од површината за да го консумирате остатокот.

Леб и пекарски производи

Фрлете ги затоа што храната без конзерванси има уште поголем ризик од ширење на мувла.

Како да се избегне формирање на мувла

Чувајте ги овошјето и зеленчукот во одделни пластични кеси во фиоките во ладилникот

Сварената храна треба да биде покриена за да не дојде во контакт со спорите на габите во воздухот или да се покрие со фолија.

Чистете ги колку што може почесто фрижидерот и садот во кој го чувате лебот.

Фото: Unsplash