Драгица Зенделовска е научен соработник на Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија на Медицинскиот факултет во Скопје.
Нејзиниот втор ангажман е од областа на нутригеномијата и диететиката и давање совети за исхрана и додатоци во исхраната. Зборувавме со неа за оваа област, за нутриционизмот, за исхраната по генотип, за препораките во врска со исхраната на болните од канцер, но и за нејзиниот став кон популарните ’здрави’ производи од типот на кафеав шеќер, химелајска сол, итн.
Луѓето сѐ повеќе бараат нутриционистички совети, а некои нутриционисти кај нас веќе имаат и статус на ѕвезди…Но што е потребно за да се биде добар нутриционист, колку се тие едуцирани?
Едукацијата во областа на нутригеномијата и диететиката, впрочем како и за други области, е од круцијално значење. Оваа проблематика е доста сложена и бара многу познавања од областа на хемија, биохемија, медицина. Колку другите нутриционисти во нашава држава се едуцирани не знам и не би сакала да коментирам околу тоа. Единствено што знам е дека е потребна континуирана едукација со оглед на тоа дека ова научно поле е доста ново, се работи многу и секојдневно имате многу научни достигнувања кои треба да се следат и овие теории да се применат во пракса што не е секогаш лесно.
За таа цел, барем досега, не само што ги следам истражувањата, честопати се доусовршувам и/или присуствувам на научни собири кои се организираат од оваа област. Па така, по завршувањето на основните едукации, продолжив да барам нови предизвици, па истражувањата од областа на оксидативниот стрес ми отворија едно ново научно поле, а сега во моментов сум на напредна едукација за нутриција во професионален спорт во Барселона. Така, слободно можам да кажам дека учењето никогаш не завршува.
Од кога и како почнавте вие да се занимавате со нутриционизам?
Моите почетоци се од далечната 2005. година. Присуствував на некои меѓународни предавања кои ми го привлекоа вниманието.
Тогаш, барем во нашата држава, многу малку се знаеше за акупунктура, биокибернетика, хомеопатија, додатоци во исхрана, креирање на различни планови за исхрана и колку тоа може да помогне во превенцијата или како дополнителен третман кај многу заболувања.
И така започна сѐ, моето образование се продолжи во таа насока завршувајќи различни едукативни програми од горенаведените области кои во некои од западните земји припаѓаат на интегративната медицина.
Кои луѓе најчесто бараат совети за исхраната од вас, дали се тоа претежно оние кои сакаат да ослабнат или пак оние со некој здравствен проблем?
Искрено се радувам кога ги подготвувам плановите за исхрана со цел да се намали телесната тежина, тие ми се некако најлесни ако можам така да се изразам, но само во ситуации кога работите со здрави луѓе. Приказната станува потешка кога имате лица кои сакаат да ја намалат својата тежина, а имаат заболување.
Од друга страна пак, доста клиенти бараат совети за исхрана, а имаат широк дијапазон на хронични заболувања. За жал, во последно време сѐ позачестени се клиентите од последната група. Ситуацијата, пак, кај спортистите, е сосема поинаква. Тоа бара континуирана соработка, често заедно со кондиционите тренери, подготовка на различни исхрани во зависност од спортот, целите, итн.
Сега е актуелна и исхраната по генотип, што значи точно тоа и како се одредува?
Моите совети се базираат на подготовка на персонализирани програми на исхрана: кај различни типови на заболувања (кардиоваскуларни болести, диабет, автоимуни заболувања и др.), вклучувајќи ги онколошките заболувања; намалување на телесната тежина кај деца и возрасни; совети за детоксикација; исхрана кај трудници, совети за превенција. Овие персонализирани програми се базираат на секундарно ниво на персонализирана нутриција т.е. изработка на препорака во зависност од поединечниот внес на храна, антропометриски мерења, фамилијарна анамнеза, вклучувајќи и мерења на состав на телото, како и крвните биохемиски маркери.
Клиентите одговараат на посебно креирани прашалници, добиваат дневник на исхрана и месечно следење на состојбата. Персонализираните програми може да се базираат и на терциерно ниво на персонализирана нутриција т.е изработка на препорака во зависност од поединечниот внес на храна, антропометриски мерења, вклучувајќи и мерења на состав на телото, крвните биохемиски маркери и генотипска анализа која во поново време е преку земање на примерок од букална слузница.
За исхраната по генотип потребно е да се зголеми аналитичкиот пристап, бидејќи потребно е да се поврзе ризикот од заболување со мутација на некој ген, притоа внимавајќи на тоа рестрикцијата на определени намирници да не предизвика појава на друго заболување.
Многу луѓе боледуваат од канцерогени заболувања…дали имате вакви пациенти и што им советувате, дали постојат некои генерални препораки во врска со исхраната на болните од канцер, без оглед на типот?
За жал, сведоци сме на сѐ поголем број на луѓе заболени од карцином. Особено важно е кај овие луѓе да се внимава на исхраната со цел да им се помогне во процесот на хемотерапија и/или радиотерапија. За таа цел, не би можела да кажам дека постојат генерални препораки т.е. може да се користат различни пристапи со акцент на антиинфламаторна исхрана. Во многу случаи препораките понекогаш може да бидат дијаметрално спротивни но тоа зависи од многу фактори.
Дали во вашата пракса имате случај на пациент со канцерогено заболување на кој токму исхраната му помогнала да го победи ракот?
На ова прашање не може да се одговори лесно. Луѓето со овие заболувања се најчесто со комбинирани третмани па не се доаѓа лесно до заклучок. Пристапот е интердисциплинарен, но сепак стојам на ставот дека храната кај оваа група на луѓе треба да биде внимателно селектирана.
Каков е вашиот став кон суплементите, колку ни се тие навистина потребни?
Додатоците во исхранаа или ергогената помош зависи од многу фактори. Прво треба да се процени дали има потреба или не, кои видови на додатоци во исхрана и во каква комбинација. На пример, антиоксидансите ни се потребни за регулација на оксидативниот стрес, но во многу ситуации тие може да атенуираат различни метаболички патишта кои ни служат како тригери за адаптација па користење на поголеми количини не ни оди во прилог. Од друга страна, пак, и во определени ситуации може доста да помогнат.
Каков е вашиот став кон популарните ’здрави’ производи од типот на кафеав шеќер, хималајска сол, итн.?
Би рекла ‘да’ за хималајската сол бидејќи содржи доста минерали, но кафеавиот шеќер по состав многу малку се разликува од белиот шеќер. Немам ништо против употребата на чиа семе, но за мене поважни се намирниците од нашето поднебје особено ако не се третирани хемиски за да бидат „здрави“ производи.
Како се храните вие, дали имате некој посебен режим на исхрана?
Секако, да. Имам доста намирници кои не ги конзумирам и ги имам исфрлено од употреба. Многу внимавам при купување на намирници особено на нивниот квалитет. Би рекла дека најчесто ја употребувам медитеранската исхрана, понекогаш со мали модификации.
Си дозволувате ли некогаш и нешто за што знаете дека не е добро или сте строги кон себе и кон најблиските кога станува збор за исхраната?
Јас сум голем гурман (хедонист) и сакам да пробувам различни вкусови, традиционални јадења, да ги споредувам културите на готвење. Не сакам голема количина на храна, но многу ми значи како таа е комбинирана, подготвена и сервирана. Ретко, ама баш ретко, но во исклучителни ситуации може да пробам нешто што не е добро (понекогаш само поради љубопитност). За најблиските се грижам и сакам секогаш да имаат и да бираат добра храна, но понекогаш оставам простор бидејќи секој треба да има изградено свој сопствен стил во однос на исхраната. Значи, знам да бидам строга ама треба да имаме на ум дека храната исто така служи да ни го одржи расположението на високо ниво, па некогаш и намерните грешки може да послужат.