Домашни јуфки од јајца од препелица и домашно млеко

Домашни јуфки, со домашни јајца од препелица, интегрално пченично брашно и домашно млеко од кравата на соседот

0
254

За жал, генерациите од 90-тите години на минатиот век и тие по нив, речиси и не го познаваат вкусот на вистинската храна. Дури, да ви кажам право, и јас веќе сум го заборавила.

Но лека полека запознавам се повеќе луѓе кои произведуваат мали количини вистинска храна и подготвени се истата да ја споделат со другите. На пример, Валентина Петерсен со која неодамна се запознав, во секое време има свои домашни јуфки кои ги прави од исто така свои домашни јајца од јапонска препелица и млеко од кравата на нејзиниот снабдувач од блиското село.

А јуфките веќе на прв поглед се поинакви. Конкретно овие јуфки се направени од органско интегрално пченично брашно, јајца од препелици, домашно кравјо млеко и малку сол и масло.

Инаку, Валентина и нејзиното семејство, живеат на својата фарма во близина на скопското село Моране кадешто одгледуваат кокошки, мисирки и препелици па во секое време имаат за себе свежи домашни јајца и вкусно месо.

Бидејќи повеќето луѓе веќе го имаат заборавено вкусот на вистинската храна, вели дека додека претходно помала количина од своите кокошки продавале, им се случувало да слушнат коментари од типот: ‘многу е жилаво месото, не се вари, сигурно кокошката била стара’.

А не е така, едноставно, вели таа, луѓето навикнале на пилешко полно со хормони на кое му е доволен половина час за да се обработи термички, па кога ќе пробаат домашна кокошка, се чудат зошто таа треба да се вари толку долго и зошто и покрај тоа, месото е пожилаво.

Но, да се вратиме на јуфките.

Овие јуфки од јајца од препелица, домашно млеко и интегрално брашно, се сосема поинаква приказна од јуфките кои можеме да ги купиме, па дури и од оние кои ги правиме сами, но од индустриско млеко и јајца од продавница.

Сепак, не гарантирам дека вашите деца ќе ги бендисаат. Бидејќи се домашни, а тие од „домашна“ храна пробале само „домашна“ пица направена од замрзнато тесто од маркет.