Деветнаесетгодишната Даниела е уште една вредница која заедно со својата пријателка Симона Илковска, е постојано дел од сите настани, а од неодамна и членка на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија, рамо до рамо со Симона, но и со поискусните и повозрасни Маре Јаневска, Зоран Мајновски, Бобан Симоновски, Дејан Карапеев, Пеце Клечкароски, Елена Џајкоска, Александра Атанасовска, Орце Трајковски, и секако, дел е од Проектот „Кулинари“ на организацијата Арно.
Како и Симона, и таа уште од мала имала желба за готвење па никој не бил изненаден од нејзината одлука да се запише во средното угостителско училиште „Лазар Танев“.
„Како мала секогаш се мешав кога мајка ми и баба ми готвеа и воопшто немав дилеми при изборот на средното училиште. Иако е сѐ уште рано да кажам дека сум успеала бидејќи имам само 19 години, уште кога се запишував бев уверена, а и сега знам дека ќе успеам на тој пат“, децидна е Даниела.
Во нејзиното семејство никој не се занимава професионално со готвење, но сите се добри готвачи. Најчесто готви мајка ѝ, но и таа често знае да влезе во кујна. Секогаш ги гледала мајка си и баба си како готват и им ги ‘крадела’ знаењето и мајсторлукот.
„Баба ми прави зимница за продажба, а јас секогаш сакав да ѝ помагам. Покрај неа, додека ѝ помагав, можев многу да научам не само за правењето зимници, туку и за сите нејзини мајсторски зготвени јадења и слатки. И така, нешто од неа, нешто од мајка ми, научив да работам сѐ.
Мајка ми е експерт за тесто, па и јас научив да правам многу работи – домашни тестенини, бурек, пити,… Сега слободно можам да кажам дека тестенините се моја специјалност, често ги готвам и, се разбира, ги правам сама, од почеток. Никогаш не користам готови тестенини, секако дека самата ги месам“, се смее Даниела.
За време на карантинот не дозволувала никој да влезе во кујната, готвела секакви јадења и слатки и секогаш кога има слободно време знае да се заигра во кујна во слободното време.
Уште пред да го заврши средното училиште, таа почнала да работи во мексиканскиот ресторан „Амигос“. Извесно време работела и во „Александар Палас“, но бидејќи решила да се запише на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Скопје, кадешто е сега редовен студент во втора година, продолжила да работи хонорарно. Оваа летна сезона ја поминала во Охрид, во ресторанот „Егоист“. Вели дека тука си ја усовршила брзината и се здобила со нови знаења.
Инаку, Даниела е вистинска вредница, но и голема гурманка. Искрено вели дека нема омилени јадења и дека ги сака сите.
„Повеќе готвам солено, ама и благото не го избегнувам многу“, се шегува секогаш насмеаната Даниела.
Нејзините најблиски пријатели се од светот на гастрономијата, па кога се сите заедно, се подразбира, заедно готват, а Даниела најчесто го прави мезето и ситни колачи.
Често со својата пријателка Симона се дел од настаните организирани од Слоу Фуд.
За оваа организација слушнала уште во прва година. Сѐ друго е историја.
„Кога бев прва година, со професорката Сунчица имавме час надвор, во градината на угостителското училиште и од неа тогаш првпат слушнав за Слоу Фуд. Ја прашав како можам да станам и јас дел од оваа организација и така почна. Тогаш се запознав и со професорката Василка Стефановска, со која подоцна бев на речиси сите настани на Слоу Фуд. А сега сум и дел од Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија. Преку угостителско дознав и за проектот Кулинари од Арно со кои исто така имаме прекрасни дружби“, раскажува Даниела.
Во иднина таа се гледа себеси во свој ресторан за кој сонува да биде на некоја убава локација со голема тераса.
„Верувам во својот сон и подготвена сум да се усовршувам на секое поле во гастрономијата“, вели Даниела со својата препознатлива широка насмевка.
Нејзините врсници кои не се дел од светот на гастрономијата, се вчудоневидени кога ќе им каже дека работи од свои 15 години и дека веќе подолго време сама си ги заработува парите. Во меѓувреме, вредно учи и вредно работи и не престанува да ја шири својата позитивна енергија и да се смее.