Гравот како лек: Го намалува ризикот од рак, срцеви заболувања, висок крвен притисок

Гравот е добар извор на протеини, а за разлика од другите извори на протеини,  содржи малку маснотии и нема заситени масти и холестерол.

0
362

Иако долго време се зборуваше дека консумирањето грав е добро за здравјето, денес на овој зеленчук му се посветува уште поголемо внимание заради новите научни сознанија.

Зошто гравот е добар за здравјето?

Научниците открија дека исхраната богата со грав може да го намали ризикот од срцеви заболувања и одредени видови на рак. Упатствата за здрава исхрана на американската влада од 2005 година препорачуваат дневна доза од три шолјички грав неделно.

Секојдневното консумирање на варен грав е поврзано со помала концентрација на таканаречениот лош (ЛДЛ) холестерол во крвта.

Гравот има висока енергетска вредност и ги содржи речиси сите есенцијални амино киселини. Покрај тоа, содржи лецитин, како и калиум, калциум, железо, фосфор, магнезиум, цинк и натриум. Тој е одличен извор на протеини, а од витамините е одличен извор на фолна киселина, витамини Б6, К, рибофлавин (Б2) и Б3.
Асортиманот на фитохемикалии кои се наоѓаат во гравот ги штити клетките од рак и го забавува растот на туморот. Истражувачите од Харвард велат дека жените кои консумираат грав најмалку два пати неделно имаат 24 отсто помали шанси да развијат рак на дојка, срцеви заболувања, дијабетес тип 2, висок крвен притисок и рак на дебелото црево.

Што го прави гравот толку здрав?

Гравот е добар извор на протеини, а за разлика од другите извори на протеини,  содржи малку маснотии и нема заситени масти и холестерол. Една порција грав обезбедува 20 проценти од дневните потреби за влакна. Истражувањата покажале дека луѓето кои јадат грав добиваат повеќе од овие клучни хранливи материи отколку луѓето кои не консумираат грав.

Кои видови грав се најздрави?

Научниците од државниот универзитет во американската сојузна држава Колорадо тестирале шест вообичаени видови грав што можат да се најдат на пазарот и ја измериле количината на антиоксиданти во секој од нив. Тестирањето покажало дека црвениот, шарениот и темно синиот грав имале до десет пати поголеми количини на антиоксиданти и други лековити материи од белиот и жолтиот грав.

Рецепти со грав:

Против чешање

Во три литри вода сварете 1 кг бел грав и една рака рузмарин. Кога ќе зоврие, процедете го, па заболените делови од телото исплакнете ги со водата во која се варел. Постапката повторувајте ја додека не престане чешањето на кожата.

Спречете ја главоболката

Во тенџере ставете 500 гр грав, додадете неколку чешниња лук, прелијте со вода и варете додека не зоврие. Потоа згмечете го гравот и измешајте со малку маслиново масло и сок од лимон. Добиената каша намачкајте ја на слепоочниците додека не престане главоболката.

Природен лифтинг

Потопете чаша грав во вода неколку часа, а потоа варете додека не омекне. Потоа испасирајте го, фрлете ги лушпите, па добиеното пире измешајте го со сок од половина лимон и лажица маслиново масло, добро измешајте и нанесете на лицето. Почекајте 20 минути и исплакнете со млака вода.

Фото: Unsplash