Во коренот на ова растение се крие вистинско богатство

Чичоките се одлична замена за компирот, но немаат скроб. Варени, печени или динстани имаат ниска калорична вредност, побрзо се готват и послатки се од компирот

0
522

Чичоката (Helianthus tuberosus L.) е високо рангирана на листата на здрава храна. Препознатлива е по големите жолти цветови и високото стебло, кое може да порасне и до три метри.

Содржи инулин

Посебно е по тоа што, за разлика од компирот, не содржи скроб туку инулин, заради што е особено препорачлив за дијабетичари. Инулинот има гликемиски индекс нула и е пробиотик кој го стимулира развојот на корисни бактерии во цревата.

Но, чичоката не е добра само за дијабетичари, се препорачува за сите кои се изложени на ризик од кардиоваскуларни заболувања. Во неугледниот корен на ова растение се крие вистинско богатство. Покрај тоа што помага при болести на крвта и крвните садови, алергии, артритис, ревматски заболувања …, има и силно антибактериско и антиоксидативно дејство.

Потекнува од Северна Америка и се одгледува низ целиот свет. Првично се одгледувало како градинарско растение. Има многу ниска калорична вредност (79 kcal на 100 g), содржи претежно јаглехидрати, малку протеини и незначителна количина на маснотии. Ги има речиси сите витамини од групата Б и малку витамин Ц. Исто така, содржи минерали како железо, калиум, калциум, фосфор и магнезиум, како и есенцијални амино киселини неопходни за телото.

Може и сурово

Обично се сади во рана пролет, корените личат на ѓумбир, бојата варира од бледо кафеава, розова до бела. Може да се јаде сурова, а ако се обработува термички, може да се динста, вари, пече или пржи. Варена, печена или динстана, таа е замена за компирот, но се вари побрзо и е послатка од компирот.