Витаминот К е корисен во борбата против коронавирусот

Дури и ако излезе дека не помага во борбата против оваа смртоносна болест, овој нутриент е добар за крвните садови, коските и веројатно за белите дробови, велат холандските научници кои ја испитуваат поврзаноста помеѓу недостатокот на витамин К во организмот и смртта од последиците на Ковид-19

0
832

Холандските научници откриле недостаток на витамин К кај пациенти кои починале од последиците на „Ковид-19“ или биле примени во одделот за интензивна нега со дијагноза на таа болест. Овој витамин се наоѓа во спанаќот, јајцата, во тврдите сирења и во оние со мувла, …

Ова ја поттикнува надежта дека промената во начинот на исхраната би можела да придонесе во борбата против оваа болест.

Лекарите кои го испитувале развојот на болеста кај пациенти заразени со коронавирус во болницата Canisius Wilhelmina во холандскиот град Нијмеген, откриле врска помеѓу недостатокот на витамин К во организмот и смртта од последиците на ковид-19, пишува „Гардијан“.

Ковид-19 предизвикува згрутчување на крвта, што резултира со разградување на еластичните влакна во белите дробови, а витаминот К, кој се внесува во организмот преку храната и се апсорбира во гастроинтестиналниот тракт, е клучен за производството на протеинот кој го регулира згрутчувањето и би можел да ги заштити пациентите од развој на потежок облик на заболување на белите дробови.

Холандските истражувачи ја доставиле студијата на преглед и сега бараат средства за започнување на клиничко испитување.

Д-р Роб Јансен, научник кој работи на проектот, вели дека, со оглед на првичните резултати од студијата, ќе поттикне што е можно поголем внес на витамин К во организмот на заболените, со исклучок на пациентите кои се на терапија со лекови за згрутчување на крвта, како што е варфаринот.

„Би советувал земање суплементи на витамин К. Дури и ако излезе дека не помага во борбата против оваа смртоносна болест, овој нутриент е добар за крвните садови, коските и веројатно за белите дробови“, објаснил тој.

Витаминот К1 се наоѓа во спанаќот, брокулата, во зелениот лиснат зеленчук, боровинките и сите видови овошје и зеленчук. Телото го апсорбира К2 подобро, а него го има во изобилство во холандските и француските сирења, односно, во тврдите и во сирењата со благородна мувла.

„Со витамин К2 е особено богато традиционалното јапонско јадење направено од ферментирана соја, нато, со својата карактеристична леплива структура и опор вкус, поради што допонително ќе ја истражиме неговата здравствена придобивка“, рекол тој.

„Соработував со јапонска научничка која работи во Лондон. Таа ми кажа дека во некои делови на Јапонија, кадешто жителите консумираат многу нато, немало забележани случаи на смрт од ковид-19“, додал Јансен.

Истражувањето било спроведено во соработка со Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Мастрихт, еден од најголемите европски институти за истражување на кардиоваскуларни заболувања. Истражувачите ја испитувале состојбата и развојот на болеста кај 134 пациенти хоспитализирани поради ковид-19 помеѓу 12 март и 11 април, заедно со контролна група од 184 постари пациенти кои не биле заразени со коронавирус.

„Нашата намера е по случаен избор да избереме пациенти кои боледуваат од ковид-19 и да им одредиме плацебо терапија или терапија со витамин К, кој е многу безбеден за употреба кај општата популација. Ќе им дадеме витамин К во високи дози што ќе го активираат протеинот кој е толку важен за заштита на белите дробови и ќе се обидеме да утврдиме колку е ефикасен“, рекла коавторката на студијата, д-р Џона Волк.

Фото: Pexels