Овој рецепт го добивме од нашата читателка Марина Луетиќ која веќе 30 години живее во Загреб, а рецептот го научила од својот свекор, инаку, роден Далматинец.
Се обидовме да го направиме по сеќавање, според нејзиниот рецепт, и без оглед дали е ‘вистински’ бродет или не, можеме да кажеме дека беше вкусен.
Се разбира, наместо со мешана морска риба, ние го направивме само со тоа што го имавме – со ослиќ.
Во тенџере со широко дно наредете ги компирите исечени на тркалца, а потоа прелијте со маслиново масло и наредете ситно сечкано лукче, па одозгора наредете ја рибата исечена на помали парчиња и повторно прелијте со маслиново масло и ситно сечкано лукче. Прелијте со вода колку да се покрие рибата, зачинете со сол и црн пипер и ставете да се вари.
Кога ќе се сварат компирите и рибата, додадете ситно сечкан магдонос и послужете топло. Во чинијата задолжително додадете уште малку маслиново масло.