Брзо и здраво или „Мекдоналдс“ на здрав начин. Приказната почнува во Битола…

Двајца битолчани, Дарко Милевски, фудбалер кој освен во Македонија играл и во Данска, Шведска, а извесно време и во Азија и Александра Христова, остеопат, битолчанка израсната и школувана во Австралија ги вкрстиле своите патишта во родната Битола каде што сакаат да направат и прават сè што можат сите да бидат и здрави и среќни.

0
5076

Александра Христова и Дарко Милевски се битолчани, не се познаваат долго, но како да се знаат со векови. Од неодамна, откако прво, како што велат, се поврзале духовно, сфатиле дека се создадени еден за друг и сега имаат многу заеднички планови за иднината и тоа токму во нивниот роден град – Битола.

Дарко, од малечок играл фудбал. Како професионалец играл во прва и во втора лига во Македонија, во трета лига во Шведска, во прва лига во Мјанмар, во Азија.

„На 21 година заминав да играм фудбал во Данска, потоа во Шведска, па добив и шведски пасош, потоа кратко во Мјанмар, поранешна Бурма, па Тајланд, па се вратив во Македонија. Имав речиси 30 години и ми се смачи од фудбалот. Се вратив на школувањето кое го имав прекинато заради фудбалот и дипломирав на оперативен менаџмент, а потоа завршив и постдипломски – стратегиски менаџмент и спортски менаџмент. Сега сум на докторски студии за бизнис администрација, на Американ колеџ и имам уште две години до крај.

Како фудбалер имав една повреда на коленото која ми препорачуваа да ја оперирам, ама јас почнав да барам некои алтернативни решенија за проблемот и така, меѓудругото, решив да го сменам и начинот на исхрана. Престанав да јадам месо и почнав сосема нов режим на исхрана. Сега се чувствувам многу подобро отколку кога било досега, полесен, сум и побрз и жал ми е што не го направив тоа додека играв фудбал, затоа што мислам дека ќе бев многу подобар. Ниту еден тренинг не може да направи да бидете фит 90 минути, како што мислам дека може начинот на исхрана. Дури мислам дека би заиграл пак фудбал само колку да проверам“, се смее Дарко.

Тој е веќе 5-6 години пензиониран фудбалер и никогаш не мислел дека еден ден ќе се занимава со угостителство и со правење храна, но додека студирал во Скопје работел извесно време во некој мал локал за здрава храна па добил идеја да направи нешто за здрава храна и тоа токму во Битола.

„Сакав да направам нешто за Битола, сакав малку да се поткрене градот, затоа што е речиси напуштен, пола битолчани се во Скопје преселени и мислам дека само тие ако се вратат ќе се наполни Битола“, се смее Дарко.

Пред три ипол години го отворил ресторанот за здрава храна „Центар“, поточно, ресторан за вегетаријанска и веганска храна, веројатно единствен таков во Македонија. Се наоѓал во склоп на еден поголем центар.

„Мајка ми и сестра ми се занимаваат со уметност и имаат модно студио, па јас го направив ресторанот во рамките на постојниот објект каде што работеа и тие -„Анастасија центар“, во кој имаше и музика, и моден дизајн, се работеше со деца, а сега имаше и храна. Ресторанот беше на втор кат, центарот на трет и почна да функционира, што е вистинско чудо за ресторан без тераса во Битола“, вели Дарко.

Ресторанот функционирал со тешки маки по почнувањето на короната и конечно го затворил во март годинава. Но не пред во него да влезе Александра.

Дарко го ребрендирал својот бизнис „21-10 Fast & Healthy“ („21-10 Фаст енд хелти“) или како што вели, со неговиот ангелски број што го користи 15 години.

Со него и со неговата втора половина Александра разговаравме на наш терен, во Скопје, но во прва пригода ќе ги видиме и на нивни терен, поточно, на местото каде што тие прават сè за да им го приближат дури и на најголемите љубители на брзата храна, својот стил на исхрана кои ќе ги направи сите и поздрави и посреќни, односно, прават брза и здрава храна.

Токму така се вика и нивната мала и прекрасна лабораторија на вкусови во која ги приготвуваат своите здрави бургери, пици, џусеви, смутиња, и исти такви, значи, здрави, десерти. Да, да, звучи како од соништата – ем брзо, ем здраво.

Со оглед на тоа што многу луѓе имаат аверзија кон здрава храна и нејадење месо, тие не го потенцираат поимот вегетаријанско, па дури и не се толку строги во понудата, односно, нудат опција и за оние кои не сакаат да се откажат од млечни производи и целта им е колку што може повеќе луѓе да пробаат, па потоа да одлучат дали ќе продолжат со овој начин на исхрана или ќе му се вратат на стариот.

Оти, како што вели и Александра, иднината е во здравата храна, а од неа зависи и нашето здравје, но и расположението.

Александра е родена битолчанка, но на 6 години со семејството се преселила во Австралија па го има оној симпатичен битолски со австралијански акцент.

Таа неодамна го изгубила татко си, кој пак е најголемиот „виновник“ за нејзиниот животен пат.

„Татко ми кој неодамна почина, беше експерт за биоенергија, па од мала ме учеше на тие алтернативни, природни и духовни начини на самолекување на телото преку молитва, постење, начин на исхрана.

Кога дојде време да студирам, сакав да запишам природна медицина, ама татко ми виде дека има правец за остеопатска медицина, па ми предложи да завршам прво тоа, па после да се занимавам со природна медицина. Така, завршив остеопатска медицина, а потоа специјализирав за кранијална сакрална терапија во Швајцарија и мислам дека сум прва на Балканот со оваа специјализација“, објаснува Александра.

Таа е насочена кон дијагностицирање на причината за болката и заболувањата и користи специјални техники, вклучувајќи манипулации со ’рбетниот столб, акупресура, техники за реанимација на ’рбетниот флуид за да го врати телото во рамнотежа.

Нејзината идеја била да се врати во родниот крај и да направи нешто во Македонија.

„Сакав да отворам некој центар во кој ќе може да ги лекувам луѓето, но не само со третман, туку да им направам и план за здрав живот. Затоа ми требаше соработка со некој што прави храна. Братучетка ми ме однесе во ресторанот кој сè уште го држеше Дарко кога се запознавме, во јануари годинава, и кога го видов на шанкот, веднаш ме привлече како магнет со тоа што кај нас процесот се одвиваше обратно, прво се зближивме ментално и духовно, многу и постојано зборувавме на милион заеднички теми и интереси, па дури потоа, во еден момент сфативме дека сме создадени еден за друг. Се вљубивме, имаме заедничка мисија и сакаме да останеме во Македонија, иако и двајцата имаме шанси да живееме на кое било место во светот“, ни раскажува Александра.

Таа и Дарко пак изгледаат како да се заедно со векови. И освен што се духовно слични, тие си наликуваат и физички.

„Ние сме близнаци и создадени сме еден за друг“, велат и двајцата.

Нивното мото и нивната цел се: да јадете и да ви биде толку вкусно, за да заборавите дека е и здраво.

Со нив двајца целиот тим на „21-10 Fast & Healthy“, брои четворица луѓе и сите знаат да прават сè.

„Готвиме, се смееме, пееме, шириме убава енергија, па луѓето ја препознаваат и сакаат да доаѓаат. Инаку, имаме навистина и убава и здрава и вкусна храна, само што наместо бургери со месо, ние нудиме многу поздрава, а вкусна алтернатива: бургер со сејтан и наут или со леќа, морков, магдонос, и жолт, црвен и бел сос наместо кечап и мајонез. Жолтиот сос е со соја, сенф, мед и ким, црвениот со домат, коријандер и кромид, а белиот со сончоглед, копар, лимон и лук. Единствениот кој не го правиме сами е барбекју сосот за кој кај нас ги нема потребните состојки, инаку не би ни било проблем да го направиме.

Нашиот добар пријател и одличен дизајнер од Загреб, Марко Чавка, го направи дизајнот и ова наше мало катче од 10 квадрати ги има најубавите бои. Сите четворица знаеме да ги подготвуваме сите работи од нашето мени, а целта ни е да ги едуцираме луѓето, да сфатат дека здравата храна е најважна за здравјето“, велат тие.

Но нивните планови се многу поголеми од нивниот прв чекор, ова мало шарено местенце на Широк сокак. Нивната цел е да направат „Мекдоналдс“ на здрав начин и франшиза која ќе ја има во сите главни градови на Балканот, па и во Шведска и Австралија, кои секако, ќе функционираат без нив бидејќи тие остануваат во Македонија и планираат таа да стане главно место за рехабилитација, каде што ќе доаѓаат од секаде за да добијат и терапија и инструкции и план за исхрана и секако, здрава и вкусна храна.