Ако немате доволно брашно, а сакате да си направите леб, секогаш можете да комбинирате со тоа што го имате.
На пример, ако имате овесни снегулки, смелете ги и еве еден вид на брашно, имате уште малку бело брашно, ставете и од тоа, ако сакате можете да измешате и 3-4 видови брашно и нема шанси да не е вкусен.
Најубав е лебот со домашна маја, но ако не сте ги измешале состојките навреме, односно, од вечер, не можете да го направите баш кога ќе ви текне.
Но сите други, можете. Дури и до само 1 лажичка сув квасец.
Овој леб е направен од два вида брашно, грахам е поголемиот дел, а бело брашно помалиот. Отприлика, состојките се овие:
600 г грахам брашно
200 г бело брашно
500 мл. млака вода
1 лажица мед
1 лажичка сув квасец
1 рамно лажиче сол
1-2 лажици ладно цедено сончогледово масло
Тестото е малку лепливо, но ќе можете да го обликувате. Ако се лепи премногу додадете брашно, ако пак ви се чини дека е тврдо, ставете малку повеќе вода.
Замесете тесто од состојките, покријте го и легнете да се одморите.
Ако сте гладни, доволно е да почекате 1-1,5 час, а ако имате повеќе време можете да го оставите и подолго.
Обликувајте го во облик во кој сакате, покријте го и оставете го уште 1 час. Во меѓувреме, вклучете ја рерната да се заагрее.
Засечете го по површината, намачкајте со малку масло, ставете ако сакате црно семе, сусам или некои други семки и печете го на 200 степени околу 30 минути.