Брза пита со тиквички

Нашите омилени тиквички денеска ги ставивме и во оваа брза пита која токму поради нив има одличен вкус, а во комбинација со домашните шери и босилекот од саксија, ова станува вистинска гозба

0
362

Во питата ние употребивме ладно цедено масло од сончоглед кое дополнително го збогатува вкусот.

Состојки:

1 средна тиквица

4 јајца

200 мл јогурт

100-150 г сирење

100 мл ладно цедено масло од сончоглед (секако, вие можете да ставите некое друго, како на пример маслиново масло)

300 г бело брашно

200 г пченкарно брашно

1 прашок за пециво

сол и црн пипер по вкус

Приготвување:

Изрендајте ја тиквицата, посолете, ставете ако сакате малку црн пипер и оставете ја настрана.

Изматете ги јајцата, додадете ги течните состојки, а потоа постепено ставајте наизменично од двете брашна и прашокот за пециво. Не се придржувајте до оваа количина, затоа што ја ставивме отприлика а брашно стававме додека не добивме малку погуста смеса која дополнително ќе се разреди кога ќе се додаде тиквицата.

Тиквицата исцедете ја, но не премногу, за да биде посочно.

На крајот додадете го сирењето, измешајте и префрлете ја смесата во тепсија подмачкана со масло и поросена со брашно.

Печете околу 30 минути.

Питата е многу вкусна и следниот ден.