Брат брата храни, добро кој го има

Шеф Дејан Карапеев е најмладиот од веќе добро познатата екипа на здружението Macedonian Multiethnic Culinary Chef-M.M.C.C . Во овој период на самоизолација поради коронавирусот, освен што е многу позитивен (фала му на Господ, не и на корона) и голем оптимист, често готви во тандем со неговиот помлад брат Јован

0
1234

Еден од нашите помлади шефови со големо искуство, кој веќе со години работи, поточно, ужива готвејќи им на гостите на една од најлуксузните јахти што пловат по хрватските острови, Дејан Карапеев, овој период на самоизолација, онака позитивно и оптимистички, го сфаќа само како одмор пред почеток на сезона…

„Овој период на самоизолација за мене е само одмор пред новата сезона бидејќи сум позитивен и сигурен дека сето ова брзо ќе заврши“, оптимист е Дејан.

А во меѓувреме, седи дома и, меѓудругото, ја прелистува својата книга „Од длабочините на морето“.

„Се потсетувам на своите рецепти од мојата прва книга и размислувам за следната и за тоа што ќе биде поразлично во неа…Материјалот е готов и таа излегува после оваа пауза со вирусот“, ветува Дејан.

Инаку, неговата втора книга ќе се појави под насловот „Сончева гозба со Дејан Карапеев“, нешто што ни е познато од неговото учество во регионалниот проект Кичн ТВ (Kitchen TV), посветен на готвењето, исхраната, туризмот, културата, традицијата, но и едукацијата за здрави животни навики, со кој се опфатени сите бивши југословенски држави и Бугарија.

„Книгата се прави во соработка со издавачката куќа „Култура“ и Кичн ТВ, а моментално се консултирам и со професорките Василка и Анета и секако, со уредничката од „Култура“, Гордана. И седејќи дома да не губиме време, туку да го искористиме за да создадеме нешто паметно“, порачува Дејан.

А она што не го знаевме досега е дека Дејан има и помлад брат – Јован, кој тргнал по неговите стапки, односно, и самиот се школувал за готвач и сега засега, се вежба по дома готвејќи заедно со постариот и поискусен брат.

„Деновиве во самоизолација со брат ми направивме еден превкусен рецепт кој го нарековме Питуличарник со праз, чварки и сирење. Ама мора да признаам дека поголемиот дел од работата ја заврши мојот помал брат“, вели Дејан.

Ако ова ви натера вода на уста, осмелете се и експериментирајте…сега барем имате време за тоа, нели?