Велигден е секако еден од омилените празници на многумина, и заради убавото време, богатото јадење и обичаите што го сплотуваат семејството во домот, и секако, поради разнобојните јајца. Бојадисувањето на јајцата е една од најпознатите велигденски традиции ширум светот.
Секоја година, децата и возрасните ширум светот традиционално ги бојадисуваат јајцата на различни начини, и таман ќе помислиме дека сме виделе сѐ, ќе се појави некој нов, обично долг, скап и комплициран процес. За среќа, има многу креативни луѓе кои како и ние не сакаат да трошат премногу пари и време на деталите и на вештачките светки, глазури, и слично, па смислуваат поедноставни, но и природни начини на бојадисување кои имаат и одличен ефект.
Еве некои од повпечатливите.
Бојадисување јајца со црвено вино
Помеѓу најразличните варијанти за бојадисување на јајца кои секоја година се објвавуваат и преобјавуваат еве и нешто многу, многу едноставно и барем за нас, ново.
Бојадисувањето на јајцата со црвено вино е наједноставниот процес, а резултатот што ќе го добиете е навистина совршен. Сè што треба да направите е да ги сварите јајцата во црвено вино. Кога ќе се сварат, тргнете го садот од оган и оставете ги да отстојат преку ноќ во виното.
Следниот ден, извадете ги јајцата од виното, измијте и сервирајте ги. Поради темната боја на овој пијалок, јајцата ќе добијат темно виолетова боја, а поради ослободувањето на шеќер и кристали од виното, тие сами по себе ќе имаат прекрасни светки кои најдобро се гледаат на дневна светлина.
Едноставно и ефектно, нели?
Бојадисување со овошни сокови
Да, добро прочитавте, јајцата можат да бидат обоени во природни овошни сокови. Еве каква боја можете да добиете:
розова боја – варете ги јајцата во сок од цвекло и боровинки
Црвена боја – варете ги во сок од вишна заедно со вишните од конзерва.
Тиркизна боја – варете ги јајцата со виолетова зелка
Ако се сетите и на друго овошје што може да биде идеално за бојадисување на јајца, пишете ни Фејсбук.
Боење јајца со куркума
Ако ви здодеат црвените нијанси и сакате да додадете весели бои во вашата велигденска корпа, тогаш овој метод е идеален за вас. Сè што треба да направите е да ги ставите jајцата да се варат, а потоа во водата додадете седум лажици куркума или шафран, како и две лажици бел оцет.
По готвењето, оставете ги јајцата да лежат во таа вода неколку часа, или преку ноќ. Јајцата ќе станат светло жолти, иако не сте користеле вештачки бои.
Бојадисување јајца со кафе
Бојадисувањето на јајца во кафеава боја никогаш не било полесно. Сè што ви треба се две лажици мелено кафе, едно ѓезве сварено кафе и малку бел оцет. Ставете ги јајцата во оваа мешавина и варете додека не се добие убава кафеава нијанса.
Ако сте од оние кои сакаат разнобојни јајца во својата велигденска корпа, еве неколку начини како да ги украсите на креативен начин. Овој дел особено ќе им се допадне на децата, така што ќе можете да ги вклучите во украсувањето.
Јајца со иницијали
Овој начин на украсување на јајцата може да биде интересен за означување на местата за седење на вашата велигденска трпеза. Залепете буква на јајцето и потоа бојадисајте го со бојата што ја сакате, или едноставно испрскајте го со спреј во саканата боја.
Диско јајца
Едноставно натопете го јајцето во лепак, а потоа во светки во вашите омилени бои и ќе имате интересни светкави јајца.
Интересно, зарем не?
Фото: Pexels