Бодликави тиквици, мексикански краставици, чајоте…

Дали сте ги виделе и пробале овие интересни зеленчуци? Ги има во две варијанти, мазни и бодликави. Пазете се од бодликавите – не за друго, за да не ве боцнат!

0
592

Добив пред неколку дена неколку вакви чудни плодови и не знаев што да правам со нив па решив малку да истражам.

Станува збор за вид на тиквички кои ги има во две варијанти, бодликави и мазни (јас ја добив бодликавата верзија), а познати се и како мексикански краставици затоа што токму од таму и потекнуваат, а познати се и како чајоте. Велат дека плодовите можат да се приготвуваат на најразлични начини, па и како кисела туршија.

Спаѓаат во фамилијата на тиквите и се сродни со кај нас добро познатите тиква, краставица, лубеница и диња. Иако е повеќегодишна тропска култура, нејзиниот плод може да се одгледа и во наши услови.

Свежите плодови имаат цврста, крцкава структура без арома и без впечатлив вкус, како нешто помеѓу компир, краставица и зелена тиквичка.

Се користат како зеленчук, свежи или готвени. Свежи се користат како салата (особено помладите плодови) или приготвени како кисела туршија. Може да се приготвува на сите налини и во сите комбинации во кои се прават и тиквичките. Семката може да биде отстранета, но бидејќи истата е мека, плодот може да се јаде со семката, а листовите можат да се употребуваат во исхраната како зелје, спанаќ или замена за лозов лист, но може од нив да се свари и чај.

Поради острите боцки, со бодликавата верзија на мексиканските краставици треба да се ракува внимателно. Ако плодот се користи сиров, може да се додаде во салати и во сосови, а често се маринира со лимон или сок од лимета. Поради мекоста, се користи за приготвување на храна за децата, сокови, сосови и тестенини.

Вкусни се во комбинација со мешунки, сирење, лук, ким и јаткасти плодови, како што се ф’стаци и бадеми.