Афионот е присутен во речиси сите кујни во светот, а нашата земја е позната по одгледувањето на многу квалитетен афион кој е застапен како симбол и на грбот на државата. Но многумина дури и не размислуваат за неговите лековити својства. Долго време, тој беше симбол на сон и смрт, поради опиумот што се екстрахира од него. Пред да биде забрането, околу средината на минатиот век, одгледувањето на афионот кај нас било масовно.
Најстарите записи за неговата употреба доаѓаат од Месопотамија, кадешто се користел за медицински цели, но и како „растение на радост“. Спортистите во античка Грција пиеле напиток од вино, афион и мед пред натпреварот за да бидат посилни.
Здравствени придобивки
Aфионовото семе е позната намирница во далечната источна кујна, Пакистанска, Индиска итн. Денеска неговата примена е најголема во фармацевтската индустрија, поради некои негови компоненти. Уште од античко време познато било дејство на афион како седатив, но се користел и за многу други намени во традиционалната медицина.
Народните лекари го препорачуваат за релаксација на мускулите, олеснување на болката, кашлање и грчеви во стомакот. Упатените тврдат дека е вистинска ризница на антиоксиданси, кои го штитат организмот од воспаленија и малигни заболувања.
Семето од афион е исклучително богато со незаситени масни киселини, особено олеински и линоленски (есенцијални омега 6 масни киселини што телото не ги произведува). Сместено е во клеточните мембрани на билките и учествува во нивната изградба и ја стимулира ресорпцијата и транспортот на витамини А, Д, Е и К, кои се растворливи во масти. Омега 6 масните киселини можат да го забават развојот на мултиплекс склероза, да го заштитат кардиоваскуларниот систем, да го регулираат крвниот притисок и згрутчувањето на крвта. Ефикасен е и во лекување на кожни болести.
Олеинската киселина не е есенцијална, туку е монозаситена од групата омега 9, а организмот може делумно да ја синтетизира. Истражувачите откриле дека го спречува развојот на рак на ниво на гени. Исто така го штити кардиоваскуларниот систем од оштетување.
Афионот содржи и омега 3 масни киселини, кои го зголемуваат имунитетот и го штитат организмот од болести. Јаглехидратите од ова растение обезбедуваат енергија. Ситното зрно содржи многу минерали, особено јод, манган, магнезиум, цинк, калиум и бакар. Магнезиумот учествува во создавањето на моќниот антиоксиданс супероксид дисмутаза. Бакарот го регулира производството на црвени крвни клетки, цинкот ги хармонизира ензимите одговорни за создавање и подвижност на сперматозоидите. Калиумот е многу важен за контрола на работата на срцето и спречување на кардиоваскуларни заболувања.
Афионот исто така содржи витамини од групата Б, оксална киселина и аморфни алкалоиди. Покрај ензимите, тие влијаат и на подобро функционирање на органите за варење. Минералите и витамините ја олеснуваат раздразливоста и стресот и поттикнуваат добро расположение.
Од семето од афион се произведува извонредно масло, што е добра замена за маслиновото масло – шарлаган. Се јаде и се добива со ладно цедење на сирови семиња. Афионот што се продава во прехранбени објекти не содржи алкалоиди (тие создаваат зависност), бидејќи семето се суши, па слабо влијае на нервниот систем.
Волшебната моќ на афионот
Од древните времиња, луѓето идентификувале одредени растенија со богови, поради нивната лекувачка и магична моќ. Едно од нив е афионот, такашто, на пример, критската божица на медицината е претставена со капа ограничена со чаури од афион. Сепак, денес, ова растение, со чија дестилација се добиваат тешки дроги – опијати, нема најдобра репутација, но не треба да заборавиме дека афионот е неопходна состојка во многу медикаменти. Древните окултисти го ценеле како лековито средство, но и како дел од волшебни ритуали, а исто така го користеле и за правење моќни амајлии.
Го запира плачењето
Знаењето за лековитите својства на афионот датира уште од раниот неолит, а траги од ова растение се пронајдени во египетски гробници кои датираат од пред 3.000 години. Рецепт за лек од ова растение кој го запира детскиот плач е зачуван на пергамент, а се смета дека, измешан со мед, е вистински еликсир на младоста и здравјето.
И кај нас, додека производството на афион било масовно, а фамилиите што го одгледувале имале повеќе деца и мајките често ги носеле и нив на нива, за да бидат мирни додека тие работат, во млекото им додавале по малку афион.
Со ова растение во минатото се лекувала неплодност, а спортистите го земале пред големите натпревари, заедно со мед и вино, бидејќи се верувало дека ја зголемува силата.
Фото: Pixabаy