Нашиот соговорник Ивица Луетиќ е дипломиран инженер по агрономија од Загреб.
Целиот свој работен век го поминал во струката, најпрвин во земјоделското производство, а потоа во промоција, едукација и продажба на пестициди. Првото вработување му било во периодот пред распадот на Југославија, во комбинатот „Браќа Раџеновиќ“ во Новска, потоа, во „Вероника“, приватно претпријатие за производство и трговија со цвеќе и дендролошки материјал во Ријека, па во „Плива“, во одделот за ветерина и аграр, потоа во приватното претпријатие „Бура 1“ за големопродажба на земјоделски производи и заштитни средства, па во „Сингента“, швајцарска фирма за производство на пестициди и како key account manager (одговорен за големите купувачи на подрачјето на Хрватска и Босна и Херцеговина) во Belchim CP, белгиско-јапонска фирма за производство на пестициди.
И бидејќи цел живот работи со пестициди се чини како вистински човек за разговор на темата: дали е возможно органско производство во големи количини кои би биле доволни за сите, кои производи најмногу се третираат со пестициди и на крајот, дали знаеме што јадеме денес.
„Органското производство на храна, односно, такво за кое не се употребуваат заштитни средства, речиси и не постои, освен кога станува збор за производство на мали количини на органска храна на ниво на домаќинства кои одгледуваат за себеси и за своите најблиски.
Се разбира, ваквиот начин на производство е речиси занемарлив, дава мали приноси и бара вложување на голем човеков труд, бидејќи сѐ се прави рачно и кога сето производство на светот би било такво, тогаш дефинитивно, не би имало храна за сите нас. Оттука и дилемата што постои и генерално, во светски рамки: дали и колку се исплаќа овој начин на производство ако се земе предвид дека ваквите производи се прескапи и дека за да биде нивното производство исплатливо, треба да постои богат пазар на кој тие ќе се купуваат, а доколку нема таков пазар, тогаш нема простор за производство на такви скапи производи.
Накусо, без употреба на овие заштитни средства не би имало доволно храна за сите, а самото тоа што се зголемува бројот на населението, расте и притисокот за употреба на тие заштитни средства кои се употребуваат и за заштита, но и за зголемување на производството“, вели господин Луетиќ.
Дали порано производството на храна било поздраво?
На прашањето, дали сме се хранеле поздраво во минатото за разлика од денес, како што постојано се зборува, господин Луетиќ вели: „Не знаеме што и како било пред 100 години во оваа област бидејќи не постоеле современи лаборатории и испитувања, но знаеме дека и тогаш постоеле заштитни средства. Први познати заштитни средства биле бакарот и сулфурот и тие се употребувале уште во стар Рим и главно се употребувале за заштита на виновата лоза, маслинките, зеленчукот,…
Кога се сфатило дека прекумерната употреба на бакарни препарати е штетно и за земјата затоа што убива сѐ што е во земјата вклучувајќи ги и корисните инсекти и организми па се добива стерилно тло, но и производи штетни за здравјето, пред неколку десетлетија се намалува и ограничува употребата на бакар.
Додека некогаш се употребувале преку 20 кг на хектар за една вегетација, денеска, на пример, во Германија, неговата употреба се ограничува на 1,5 кг активен бакар на хектар во една година со тенденција за натамошно намалување.
Како стручњак не верувам во органското производство за широка употреба, туку верувам во строго контролирано и одговорно користење на пестициди во производството на храна, значи, во некоја рамнотежа при што, со минимална количина на пестициди ќе се решаваат проблемите во производството.
Најважно е држењето до пропишаните дози при употребата на пестициди. Имено, исто како што и во фармацијата, ако докторот ви препише три пати по 1 таблета, не треба да се зема повеќе од пропишаната доза, така и во земјоделското производство мора да се почитуваат препораките на агрономите.
Она што е важно е дека луѓето мора да имаат доверба во агрономите зашто тоа што се лекарите и ветеринарите во човековата и во животинската заштита, тоа се агрономите во производството на храна. На овие простори тие се потценети иако се многу добро едуцирани и сигурен сум дека и јас и моите колеги знаеме многу повеќе за производството на храна која нема да биде штетна за човекот, за животните и за животната средина од некои неедуцирани, а особено, незаинтересирани и неодговорни производители“, вели тој.
Ситуации во кои пестицидите се подобар избор
„Во производството на пченица има една состојба – болест наречена габична тилетиа која ја напаѓа пченицата, па пченицата заразена со неа е забранета дури и како добиточна храна, а може да предизвика и смрт ако се консумира во големи количини. Таа е природна состојба, дојдена е од природата и е поотровна од било кои пестициди кои се употребуваат за заштита на пченицата.
Исто на пример, во пченицата не смее да биде присутно ниту едно семе галиум апарине (во Хрватска е познато како мишји репак) кое е исклучително отровно а е отприлика големо како и зрното пченица, па е тешко да се одвои. И тоа е исто така поотровно од било кој пестицид кој се употребува при одгледувањето на пченицата.
И уште многу други такви примери, а конечно, и она што луѓето обично го велат за црвливите јаболка, дека тие се поздрави за јадење, јас не се сложувам.
Црвот се храни со месото од јаболкото, и живее таму во неговата внатрешност, а со самото тоа произведува и разни секрети и измет кои остануваат во тоа јаболко, па сега ако некој сака повеќе такво јаболко, изборот е негов, јас сепак повеќе би сакал некое кое е контролирано и одговорно третирано со пестициди“, се смее Луетиќ.
Тој верува дека состојбата на ова поле во Македонија е слична како и во Хрватска и во другите земји од ЕУ бидејќи и Македонија е кандидат за влез во ЕУ па веројатно се почитува европското законодавство и сите кои мислат да се позиционираат на пазарот и по влегувањето на државата во ЕУ, мора да се прилагодуваат кон времето што доаѓа и да не употребуваат препарати кои не се одобрени во земјите од европската унија.
Дали може да се препознае кој производ е органски, а кој е хемиски третиран?
Според господин Луетиќ, визуелно не се гледа кој производ е прскан, а кој не, и дефинитивно, тоа може да се открие само во лабораторија, па затоа се важни контролите и почитувањето на европските директиви и стандарди.
„Генерално, во светски рамки, најмногу се прскаат бананите, преку 50 пати во сезоната, значи, до берба, против големиот број штетници и болести кои ги напаѓаат овие плодови.
Кај нас пак (зборувам за Хрватска), најмногу се прскаат овоштарниците, особено јаболките, просечно, повеќе од 15 пати во сезона, виновата лоза се прска просечно околу 10 пати, потоа, од зеленчукот, доматите, пиперките, салатата, краставиците.
Во однос на претходно, односно, пред влегувањето на Хрватска во Европската унија, сега има и построги контроли врз производителите и мора да се почитуваат директивите на ЕУ. Се намалува бројот на активни материи, а со тоа и на самите заштитни средства. На пример, атразинот, водечкиот хербицид кој се употребуваше порано за заштита на пченката (познат како радазин), најпознат на подрачјето на бивша Југославија, се укина пред околу 20 години по спознанието за неговата штетност врз водата и човечкото здравје, потоа познатиот ДиДиТи со кој се прскаше сѐ и сешто, а за кој се утврди дека е канцероген. Такви препарати се укинуваат и ден денес, затоа што секоја година кога се прави обнова на регистрацијата на производите за заштита на билките, се состанува европска комисија и работни тела задолжени за ова и ако се покаже дека некои состојки се штетни, истите се ограничуваат или се укинуваат“, вели Луетиќ.
Дали производителите ги читаат упатствата?
Нашиот соговорник вели дека тој за себе и за своето семејство купува производи од секаде, и во маркетите, и на пазар и дека има доверба во производителите бидејќи сепак постојат контроли и сите производи кои се на тезгите или на полиците во маркетите се произведени по европски нормативи.
„Мојата доверба е поголема кога станува збор за млади производители кои повеќе ги следат трендовите и генерално знаат повеќе. Исто така, повеќе имам доверба во индустриското производство, отколку во домашни неодговорни и неедуцирани производители зашто првите се под посилна контрола, додека вториве употребуваат пестициди, но неконтролирано.
На пример, ако на еден мал производител зелената салата му ја нападне болест, тој ќе ја испрска, а веќе утре ќе ја стави на пазар и никому нема да му каже дека е прскана. Во индустриското производство се почитува каренцата (тоа е дозволено време на примена на пестициди до употребата), значи, ако каренцата на некој препарат е 7 дена, тоа значи дека дури 7 дена по третирањето на некој производ, истиот смее и да се пушти на пазарот.
А тие податоци за каренците ги има на упатствата на тие средства за заштита на билки што е исто како кај лековите за луѓе. Кај коровите и други билни штетници, инсекти и габични заболувања со време се развива резистентност на одредени средства, па ако нема контрола, производителите,оние неодговорните, ја зголемуваат дозата на единица површина наместо да го заменат средството кое не го решава проблемот, туку само труе сѐ живо наоколу.
При појавата на нови видови, досега непознати кај нас на кои одредени средства не делуваат и за нивното препознавање, потребно е стручно лице кое ќе утврди за што станува збор, дали за резистентност на одредено средство или за некој нов штетник увезен со семето, садниот материјал и слично.
И конечно, мора да се разликува производството за широка употреба од она за мала кога на пример, еден мал производител на домати си остава од своите домати семе за следната сезона, а кога произведуваш за синџир продавници и ти треба огромна количина, секој ден по 300 кг домати, сѐ е поинаку, мора да купуваш хибриди, нешто што не можеш да произведеш дома, и во овој случај не станува збор само за заштитата, туку и за целосно поинаква технологија на производство“, објаснува господин Ивица Луетиќ и уште еднаш порачува дека за да имаме здрава храна, доволно е да бидеме одговорни и да ги почитуваме стандардите предвидени со европските нормативи.
Фото: Pixabey