„Во Кина како последица на драстично намалување на пчелните семејства (на пчеларите) во природата, фармерите се принудени рачно да вршат опрашување на своите земјоделски култури. Фармерите и нивните деца треба да се искачуваат на гранките вооружени со четки за индивидуално опрашување на секој цвет“, предупредуваат од македонската компанија Macedonian honey, која во финалето на StartUp Europe Awards 2018 победи во категоријата климатски промени, помеѓу 134 компании од цела Европа.
Тие реагираат на најновите предлог измени во Законот за пасишта, со кои се предвидува да се наплаќа пашарина за пчелите што ќе ги запрашуваат цветовите на државно земјиште.
„Имаме потреба повторно да ја нагласиме важноста на пчелите за севкупното општество и биодиверзитетот“, велат од компанијата.
Овие иновативни луѓе кои активно учествуваат во заштитата на биодиверзитетот и во одржувањето на популацијата на медоносната пчела, велат дека секој дополнителен трошок од типот на пашарина за пчелите значи ризик за намалување на бројот на пчелите.
Во насока на својот постојан ангажман да предизвикаат интерес кај јавноста и да едуцираат дека пчеларењето нема единствена цел да произведе што повеќе мед, туку дека е одговорна работа, при што добросостојбата на пчелите и околината е во прв план, а вишокот на мед кои тие го произведуваат е награда за нашата активност, нашите соговорници потсетуваат на неколку главни поенти:
- Пчелите опрашуваат 80% од растенијата со 100% ефикасност
- Едно пчелно семејство може да опраши 300 милиони цветови дневно
- Пчелите овозможуваат да се зачуваат живеалиштата на останатите инсекти, птици и дивиот свет
- Пчелите се главни ’виновници‘ за живописната околина и разнобојните цветни пејзажи
- Се проценува дека опрашувачите, вклучувајќи ги медоносните пчели, бумбари и дивите пчели, придонесуваат најмалку 22 милијарди евра секоја година во европската земјоделска индустрија, односно 150 милијарди евра на глобално ниво.
- Во САД се плаќа (на пчеларите) во просек 220 долари по пчелно семејство за опрашување на познатите калифорниски бадеми. Потребни се околу две колонии на хектар за да се опрашат 1,2 милиони хектари бадеми. Тоа се околу 2,5 милиони пчелни колонии од целата земја.
- Во Кина како последица на драстично намалување на пчелните семејства (пчелари) во природата, фармерите се принудени рачно да вршат опрашување на своите земјоделски култури – фармерите и нивните деца треба да се искачуваат на гранките вооружени со четки за индивидуално опрашување на секој цвет.
„Затоа, редно е која било Влада, па и македонската, во прв ред да го стави интересот за заштитата на биодиверзитетот, развојот на животната средина и производството на храна пред која било предвидена такса или давачка“, велат тие барајќи ја поддршката од медиумите за едукација на државните чиновници од кое било ниво и на пошироката популација за важноста на медоносната пчела во севкупниот живот на човекот и планетата земја.
„Само заедно ќе успееме во борбата за спречување на намалувањето на бројот на пчелите како неприкосновени опрашувачи кои играат суштествена улога во нашиот еко систем. Третина од целата наша храна зависи од нивното опрашување. Алберт Ајнштајн рекол дека доколку пчелите исчезнат, исчезнувањето на човештвото ќе следи само неколку години подоцна“, велат од компанијата.
Инаку, Macedonian honey е препознатлива и по тоа што за разлика од останатите пчелари не продаваат мед во тегли, туку го пакуваат во мали специјални еколошки кесички кои се за една употреба – HONEYSTICK.
Победата во финалето на StartUp Europe Awards 2018 во категоријата климатски промени, им ја донесе нивната иновативна кошничка за пчели Elle Hive, која носи нов пристап во одгледувањето на пчелите кои се загрозени на глобално ниво. Elle-Hive е резултат на 30-годишно искуство и ги следи природните потреби на пчелите, без вештачки материјали, дополнителен простор за изолација, во која 2 пчелни семејства презимуваат заедно и е лесна за ракување.
Пчелите одгледани во Elle Hive стануваат посилни и нивниот генетски материјал им овозможува на идните генерации пчели полесно да се справат со предаторите и со климатските промени. Macedonian Honey ја оформи и платформата International Bee-Station (IBS), која претставува заедница на поединци и фирми, кои сакаат да учествуваат и да го дадат својот придонес во зачувувањето на медоносната пчела.
Фото: Фејсбук