Што е кус кус и како да се подготви?

Главната разлика помеѓу кус кусот и тестенините е тоа што тестенините се месат, додека кус кусот е, условно кажано, навлажнето, преобликувано и исушено брашно. Во исто време, ова е одличен, природен начин на конзервација, па кус кусот има многу долг рок на траење.

0
2237

Кус кус е традиционално јадење со потекло од Северна Африка и национално јадење во Алжир, Мароко и Тунис. Го има и на многу други трпези: во Тунис, Египет, Израел …

Многу често кус кусот се смета за житарка. Оваа конфузија се јавува затоа што кус кусот личи на просо или на скршени зрна од други житни култури. Всушност, кус кусот би можел да се смета за вид паста. Може да биде ситен, среден по големина и крупен.

Добро подготвениот кус кус е секогаш растресит и лесен, со прилагодлив и нежен вкус што одлично се сложува со разни зачини; може да биде деликатес, како и солено јадење, за сиромашни и за богати. Кус кусот не содржи холестерол, па затоа претставува основа за многу медитерански и африкански салати. Стана популарен во Европа во последните дваесетина години.

Кус кус се прави со грубо мелена пченица (гриз), навлажнета со солена вода, се трие и се гмечи помеѓу дланките, со кружни движења, за да се добијат топчиња (со различни карактеристики и конзистентност), кои подоцна се сушат. За време на овој процес се користат големи, плитки садови и сита. Ако ја посетите Северна Африка, кадешто секојдневно се користи кус кус во исхраната, ќе видите дека, на овој традиционален начин, тоа го прават со нивните вредни раце жени собрани во поголеми групи. Правењето кус кус се смета за уметност, бидејќи добриот кус кус не смее да биде згрутчен.

Во Северна Африка, на есен се спремаат резервите од кус кус за цела година. Тоа е голема работа околу која се собираат цели семејства со своите соседи и пријатели. Исто така има и религиозно значење и со него се проследени сите важни настани во животот на луѓето во Северна Африка, од свадби до погреби. Симболично, со цел да се добие среќа и благосостојба за целото семејство, кус кусот им се дава на сиромашните.

Главната разлика помеѓу кус кусот и тестенините е тоа што тестенините се месат, додека кус кусот е, условно кажано, навлажнето, преобликувано и исушено брашно. Во исто време, ова е одличен, природен начин на конзервација, па кус кусот има многу долг рок на траење. Ова било од големо значење за луѓето кои живееле во дамнешно време, кога немало друг начин за одржување на намирниците.

Додека тестенините се служат со различни сосови, кус кусот е едно од традиционалните јадења што се целосен оброк. Обично се јаде на традиционален начин, со динстан зеленчук на кој, освен во вегетаријанските варијанти, му се додава месо или морска храна и риба. Од зеленчук се користат сите можни видови (тиква, тиквички, модри патлиџани, моркови, пиперки, домати, компири, кромид …), и од месо најчесто јагнешко, пилешко и говедско месо. Исто така, може да се додадат мешунки.

Во слатки варијанти, во кус кусот се додаваат суво и јаткасто овошје. Зачините (ѓумбир, каранфилче, цимет, црн пипер …) се составен дел од секој кус кус.

Гледано од нутриционистичка гледна точка, кус кусот се смета за целосен оброк бидејќи содржи житарки, протеини и зеленчук.

Подготовката на кус кус на традиционален начин бара натопување и варење на пареа. За тоа служи сад (тенџере) наречен „kus kusijera“. Овој сад има два дела: долен во кој се динста зеленчукот и горниот дел чие дно е дупчесто за да може да помине пареата (всушност, и модерните садови за готвење на пареа работат на истиот принцип, само се редизајнирани).

Така, кусот кус останува топол цело време и ги прима специфичните мириси и вкусови на јадењето кое се динста долу. Секако, треба да се води сметка зрната да бидат растресени.

Кус кусот се сервира такашто на средина на голема чинија се става динстаното јадење (зеленчук, месо и слично), а самиот кускус се става по краевите.

Кус кусот што имаме можност да го најдеме во продавниците е веќе термички обработен, такашто ќе го подготвиме многу брзо за неколку минути, со наведената количина зовриена вода и лесно мешање, следејќи ги упатствата на пакувањето.

Може да се купи во продавниците за здрава храна и во супермаркетите.

Фото: Pexels