Што е за’атар и како да го направите?

Оваа блискоисточна мешавина на зачини е се попопуларна во европските кујни, а станува збор за мешавина на зачини која во основа е составена од мајчина душица, оригано, сусам, сол и сумак, уште еден популарен вкус на блискоисточната кујна.

0
364

Оваа мешавина на зачини е многу популарна низ Блискиот Исток, ќе ја најдете во сириската, турската, израелската, јорданската, ерменската и либанската кујна.

Можете да додадете за’атар апсолутно во се; намаз од наут, тиквички, модар патлиџан, во густи сосови од јогурт, во салати, супи, ориз, булгур, кускус, супи, месо, во печен компир, одлично е и на свежо печена тенка кришка од леб или можете да го измешате со маслиново масло и во тоа да макате со свежо печен леб.

Не постои единствен рецепт, туку секоја продавница за зачини или производител имаат своја мешавина, така што заатарот може да содржи и ким и сумак и тостирана пченица и коријандер.

Повеќето за’атарски мешавини содржат мешавина од мајчина душица, оригано, семе од сусам, сол и сумак, уште еден популарен вкус на блискоисточната кујна. Сумакот има вкус на лимон и црвеникава боја.
Инаку, зачинот за’атар е неверојатно популарен во Израел, кадешто можете да го најдете потпечен во лепчиња, попрскан над хумусот и во преливи и маринади за салата, риба и пилешко.

Но, секоја земја и регион на Блискиот исток, всушност, имаат свои мали варијации за мешавината на зачинот за’атар, некои се многу зелени, додека други имаат повеќе сумак, што им дава црвеникава боја, а други пак имаат многу семе од сусам.

Значи, можете да направите своја сопствена мешавина, а потоа да ја прилагодите на вашиот вкус.

Состојки:

2 лажици сува мајчина душица

1 лажица суво оригано

1 лажица крупна хималајска сол

3 лажици потпечен сусам

3 лажици мелен сумак

Приготвување:

Мајчината душица, ориганото, солта и 2 лажици потпечен сусам се мелат, но не премногу, напротив, треба да бидат смелени крупно и малку да се соединат, а не како прав.

Потоа се додава сумакот и преостанатата лажица потпечен цел сусам, убаво се меша и зачинот може да се користи.

Сите зачини, па дури и сумак, ги има и кај нас, а последниов со сигурност може да се најде на Бит-пазар.

Фото: Unsplash