Чварки: од храна за без пари, до скапо мезе – за иштаф

Иако некогаш важеа како храна за посиромашните, денеска се продаваат како суво злато. На пример, 1 килограм чини околу 700 денари, поскапи се од месото, па најчесто се купуваат по 150-200 грама, колку за иштаф.

0
477

До неодамна ги избегнувавме во широк лак, иако на чварки пораснаа цели генерации. Но, со револуцијата во исхраната во последниве години, со што луѓето ѝ се враќаат на домашната, оригинална, локална, традиционална храна, богата со хранливи материи, храна без непотребна обработка, рафинирање, шеќер, скроб и адитиви, за што се залагаат се повеќе нутриционисти, чварките, свинската маст и сланината се вратија на голема врата. Дури, во некои диети (палео, LCHF и слични на нив), со нив и се слабее!

Чварките можат да се јадат во текот на цела година но сепак се сметаат за зимска храна која обично се подготвува во овој период. Иако некогаш важеа како храна за посиромашните, денеска се токму спротивното и се продаваат како суво злато. На пример, 1 килограм чини околу 700 денари па најчесто се купуваат по 150-200 грама, колку за иштаф. Многумина ќе се сложат дека многу од тие што се продаваат во месарниците и маркетите не се ниту близу до она што беа порано домашните чварки, па доколку сте љубител, не ви преостанува друго освен да си ги направите сами.

Чварките се подготвуваат од свинското сало и од сланината која не е искористена за одредени суви производи. Сепак, повеќето луѓе ја користат само сланината затоа што салото може да има и непријатен мирис.

Најпрвин треба материјалот од кој ќе ги правите, сеедно дали станува збор за сланина или за сало, или за нивна комбинација (со тоа што салото се топи побрзо од сланината па добро е тоа да се прави одвоено), треба да се исече на еднакви помали коцки (3цм).

Потоа тие се ставаат во длабок сад (не смее да се наполни до врвот) па се додава вода (околу 1 шолја на неколку килограми).

Температурата не смее да биде премногу висока, а садот мора да биде без капак затоа што треба постојано да се мешаат.

Кога сланината малку ќе омекне, се додава 1 дцл млеко.

Ако сакате посолени чварки, додадете сол по желба.

Чварките се готови кога ќе добијат кафеавкаста боја и ќе испливаат на површината. Исцедете ги и уживајте.

Ако сакате можете и да ги исцедите повеќе такашто ќе ги стиснете во цедилка.

Чварките можат да се јадат со малку леб и со лукче, а можете да ги ставите и како прелив за јуфки.

Фото: Pixabay