Цвеќе за мирисање, ама и за јадење

Јадливите цвеќиња во гастрономијата не се ништо ново, но последниве години се во мода и можат да се најдат на менито на многу ресторани. Иако ние како деца јадевме багреми, ливчиња од рози, па дури и зумбули и јорговани, треба да се биде внимателен во изборот на оние што ќе ги вклучите во својата исхрана.

0
356

Како деца си правевме сок од ружите на мајка ми, јадевме багреми од дворот на соседите, ги јадевме и оние црвени бобинки што ги викавме зајачки леб (незнам зошто), а растеа заедно со зелените листови како ограда во некои дворови, јас таманев и зумбули, а знаевме да пробаме и од јоргованот што растеше во дворовите на секоја втора куќа на нашата улица. Денеска кулинарските специјалитети и декорациите од јадливи цвеќиња се во мода и можат да се најдат на менито на многу ресторани.

Цветните специјалитети се лесни за подготовка, но треба да се бираат само оние цвеќиња што растат на незагадени места и не се хемиски третирани.

Кулинарските специјалитети и декорациите од јадливи цвеќиња, иако неправедно игнорирани со години, повторно се во мода и можат да се најдат на менито на многу ресторани.

Шефовите кои се обучени во ова поле, како и оние кои ги пробале рецептите во домашните варијанти, нагласуваат дека клучот за успехот е едноставен: не правиме комплицирани јадења и не мешаме многу видови на различни цвеќиња, за да не се помешаат мирисите.

Сепак, треба да се има на ум дека не можат сите цвеќиња да завршат на чинија, без разлика колку привлечно изгледаат, а некои може да предизвикаат и сериозни тегоби.

За да ги избегнете овие ризици, треба да почитувате неколку правила: внимателно да ги идентификувате јадливите цвеќиња кои ќе ги подготвувате – денеска се достапни разни прирачници; тие не смеат да се прскаат со пестициди (ова важи за сите делови на растението), како ни со било кои други хемикалии; не берете цвеќе кое расте во близина на прометни патишта и во области со зголемено загадување на воздухот; Бидете внимателни да не претерате со количината, бидејќи тоа може да предизвика проблеми во дигестивниот тракт.

Јадливи цвеќиња

Глуварче

Цветовите од ова семејство се најслатки кога ќе се наберат млади – тогаш нивниот вкус најмногу потсетува на мед. Зрелите цвеќиња се карактеризираат со одредена горчина, па затоа е најдобро во исхраната да се користат пупки кои растат близу до земјата и се концентрирани во средниот дел на билката. Од сирови пупки, често се прават салати, тие можат да бидат бланширани, а со ферментација од нив се добива ароматично вино. Одлично се комбинираат со ориз.

Детелина

Црвено-белите цветови на детелината се изненадувачки слатки и имаат вкус на анис. Во народната медицина уште од дамнина се користат за лекување на гихт, ревматизам и генитални инфекции. Уште Индијанците откриле дека од нив можат да направат вкусни и лековити чаеви, а ги додавале и во салатите и домашните јадења. Бојата на цветовите на детелината покажува колку се свежи – колку посветла нијанса, толку подобро. Особено избегнувајте ги оние кои веќе преминале во кафеавкаста боја.

Невен

Оваа лековита билка веќе долго време се користи во природната медицина, а исто така е дел и од медитеранската кујна. Интензивните портокалови цветови често се одлична замена за шафран, зачинска билка која е многу поскапа и не толку раширена, поради што невенот се нарекува „шафран за сиромашни“. Како и да е, со задоволство се употребува во салати, супи, пасти и јадења од ориз, а исто така се користат во производството на сирење и путер.

Хризантема

Како што им варираат боите од бела, жолта, портокалова до црвена, така и вкусот на хризантемите понекогаш наликува на оној што е сличен на пиперка, а понекогаш пак е многу близок на вкусот на карфиолот. Најдобар начин е најпрво кратко да ги избланширате, а потоа да ги додадете во салатата. И во овој случај важно е да се отстрани горчливата база на ливчињата. Лисјата од хризантема може да се додадат во оцет за да ја збогатат аромата.

Каранфил

Ливчињата од каранфил можат да се потопат во вино, да се стават во различни слатки или со нив да се декорира торта. Тие имаат многу сладок вкус, па често се дел од десертните јадења, само е важно да се отстрани белиот дел од цветот, во самата основа, бидејќи дава горчина. Во кујната најчесто се користи Диантус, минијатурен вид каранфил, чиј мирис потсетува на детелина. Интензивната боја на цветовите им дава интересна боја на оброците, особено на салатите.

Секако, ова не се единствените цвеќиња што можете да ги вклучите во својата исхрана. Тука се и јоргованот кој велат помага кај психички заболувања, го подобрува варењето на храната, крвта, црниот дроб, потоа, драгољуб кој помага при третман на респираторни заболувања, астма, бронхитис, воспалителни состојби, кашлање, настинка, грип…, па камилица која помага при проблеми со стомакот, ублажува и смирува многу здравствени проблеми и уште многу други  цветови кои не само што ќе ви го замирисаат домот, туку и ќе ви ја разубават чинијата.

Фото: Pexels