Францускиот багет конкурира за листата на УНЕСКО, што би можеле да кандидираме ние?

Французите го номинираа багетот за списокот на светско наследство на УНЕСКО. Денес во Франција се јадат околу 320 багети секоја секунда, што е околу 10 милијарди годишно. Кој македонски производ заслужува да се најде на оваа листа, имате ли некој предлог?

0
183

Се верува дека Французите секогаш ќе бидат препознатливи по нивните беретки и по багетите, па затоа ова е една од причините зошто Франција го номинираше овој свој најпознат леб за списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Француското Министерство за култура објави дека овој чекор е многу важен со цел да се заштитат не само обликот и името, туку и рецептот и состојките на багетот.

Според извештајот на министерството, во 1970 година, низ Франција имало 55.000 пекари кои произведувале багети, а денес има 35.000.

„Затоа се одлучивме за ваква заштитна мерка со цел да ја подигнеме свеста кај пошироката јавност за важноста на багетите и со тоа да го забавиме падот на неговото производство“, соопштило Министерството.

Багетот е најпознатиот леб во Франција, кој е направен од само четири состојки – брашно, вода, сол и квасец. Специфичен е по својата форма, како и по крцкавата кора и меката внатрешност, но само ако е направен според оригиналниот рецепт.

Неговото потекло датира од 17 век, но потрошувачката се зголемила во 20 век. Денес во Франција се јадат околу 320 багети секоја секунда, што е околу 10 милијарди годишно.

Националното здружение на француски пекари и кондиторски производи ја поздрави оваа одлука бидејќи тие се и едни од иницијаторите за истата.

„По четири години посветеност, можеме гордо да кажеме дека нашето барање вроди со плод. Овој чин ја зајакнува нашата експертиза и со тоа ги охрабрува помладите генерации да го изберат пекарството како своја професија “, рекол претседателот на здружението Доминик Анракт.

Конечната одлука на УНЕСКО ќе биде донесена до крајот на 2022 година.

Фото: Pixabay