Три слатки и брзи рецепти во кои ќе уживате цел викенд

Имате само два дена да се одморите, а тука се и домашните работи што сте ги одложувале цела недела, а сепак сакате да направите и нешто за да си го заблажите викендот. Еве на едно место три брзи рецепти во кои ќе ужива целото семејство

0
513

Ова се нашите три предлози кои можат да го разубават вашиот викенд, но и кој било друг ден во неделата, секогаш кога сте „гладни за слатко“. Портокалите, јаболките и морковите се лесно достапни за секого и во секое време.

Брза торта со моркови

(Извор и фотографија: Brzirecepti.info)

Состојки:

За тестото:

3 јајца

50 г шеќер

220 г брашно

1 лажичка кардамон или цимет

1/2 кесичка прашок за пециво

200 г стопен путер

300 г ситно рендани моркови.

За глазурата:

125 г путер на собна температура

125 г крем сирење

3 лажици шеќер во прав

1 ванилин шеќер

Приготвување:

Изматете ги јајцата и шеќерот, потоа сите суви состојки и, конечно, промешајте ги морковите и стопениот путер. Истурете ја смесата во плех за печење и печете околу 20 минути на 200 степени.

Во меѓувреме, измешајте ја глазурата. Наместо крем сирење, можете да користите и свежа урда, но тогаш кремот нема да биде мазен, туку грутчест.

Кога е готово, бисквитот треба да се остави да се олади (не мора да биде ладен, но не треба да биде ниту врел за да не се стопи глазурата) и потоа да се премачка.

Питата со јаболка на баба

(Извор и фотографија:  Dobarsavjet.info)

Состојки:

3 јајца

12 лажици шеќер

12 лажици масло

12 лажици млеко

15 лажици брашно

1 прашок за пециво

1/2 кг јаболко

шеќер во прав за посипување, цимет

Приготвување:

Направете мешавина од јајца, шеќер, брашно, масло, млеко и прашок за пециво. Изрендајте ги јаболките и по желба додадете цимет. Истурете половина од смесата во калап и печете 15 минути на 180° С. После тоа, извадете ја од рерна, ставете ги ренданите јаболка врз бисквитот, а другата половина од смесата истурете ја врз јаболката и вратете ја во рерна уште десет минути. Испечената и изладена торта посипете ја со шеќер во прав.

Колач од портокал

(Извор и фотографија: Marija Božić/Brzirecepti.info)

Состојки:

1 голем портокал

250 г шеќер (ова звучи како премногу шеќер, но оставаме на вас да одлучите)

3 големи јајца

1 дл сончогледово масло

1 јогурт

250 г брашно

1 прашок за пециво

малку сол

шеќер за посипување

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 180° С. Поставете го дното на мал плех за печење хартија за печење и подмачкајте ги страните со путер.

Ставете го портокалот исечен на коцки (нелупен, т.е. заедно со кората) во блендер и добро измешајте го. Потоа ставете ги во еден сад шеќерот и јајцата, измешајте ги со миксер и додадете го портокалот од блендерот.

Додадете масло и јогурт и кратко промешајте. Потоа додадете брашно и прашок за пециво и прстофат сол. Мешајте само додека состојките не се соединат. Истурете ја оваа смеса во плех за печење, посипете со шеќер и печете 35-40 минути на 180° С.

Забелешка: Ако повеќе сакате, наместо да ја посипете тортата со шеќер пред печење, може да ставите глазура од чоколадо по печењето.

Фото: Pixabay