Тегличка полна со здравје

Оваа вкусна мешавина од матичен млеч, мед, поленов цвет и прополис е нешто во што бескрајно ќе уживате, но и доказ дека не мора секој лек да биде горчлив

0
500
Сите знаеме дека медот е здрав производ на пчелите, но не е и единствен, има уште пчелни производи кои се исклучително здрави.
На пример, на нашата едукативна тура во пчеларникот БН, во село Дихово, нашиот домаќин Нацо Јовчевски ни ги претстави своите производи, меѓу кои и оваа превкусна мешавина од матичен млеч, мед, поленов цвет и прополис.
Ако се прашувате за што е добра оваа мешавина, тогаш ќе ви кажеме по нешто за сите состојки.

Матичниот млеч содржи вода, белковини, масти и минерални материи. Во еден грам свеж матичен млеч има многу витамини и тоа: Б1, Б2, Б4, Б12, Б3, Б5, Б6, витамин Ц, фолна киселина, витамин Е. Има посебно висока концентрација на витамини Б5 и Б6, витамини А, Ц, Д и Е, различни минерали, ензими, 18 видови на аминокиселини и многу корисни материи кои го спречуваат развојот и размножувањето на бактерии и вируси.

Ако медот е извор на енергија, тогаш поленот е огромна ризница на хранливи материи. Содржи витамини, минерали, протеини и други многу вредни компоненти од непроценлива важност и за луѓето и за пчелите. Тоа е полен од растенија што пчелите го собираат и го носат во кошницата за време на сончевите денови кога пасиштата се богати со полен.

Од големо значење е за добро презимување и развој на пчелното друштво. Но, секако и за човечкиот организам. Производителите редовно го собираат во време кога пчелите го носат во кошницата во количини кои се многу поголеми од потребните за функционирање на пчелното друштво. Се собира со употреба на специјални фаќачи, а потоа се суши и се чува во соодветни услови.

Содржи околу 250 супстанции. Богато е со витамини, минерали и ензими. Се смета дека содржи повеќе протеини од било која храна од животинско потекло како месо, млеко или јајца. Секое зрно од полен има различен биохемиски состав во зависност од растението, климата каде растат и цветаат, сезоната. Експертите тврдат дека некои растенија содржат дури 20 пати повеќе каротин од морковот. Затоа се вели дека е исклучително важно за развојот на пчелното општество, а за човекот тоа е храна и лек.

Прополисот е смолеста материја која пчелите ја произведуваат собирајќи материи од разни растенија, нивните пупки, листови или стебла. Ароматичниот прополис е леплив на допир, има горчлив вкус и при горење има мирис на темјан. Користејќи ја антиоксидантната и антимикробната карактеристика на прополисот, всушност, пчелите ја чистат и ја изолираат својата кошница. Иако бојата на прополисот зависи од видот на растението од кое се создава, најчесто има кафеава боја.

За лековитите својства на прополисот пишува и во најстарите книги за лекување, бидејќи тој зазема огромен дел од народната медицина со која луѓето барале начини да третираат болести како егземи, мозолчиња, изгореници, рани…

Во најчесто користениот вид прополис од топола се откриени  околу 300 различни соединенија, од кои скоро 150 се биоактивни компоненти. Прополисот ги содржи витамините Б1, Б2, Ц и Е, како и минералите цинк, бакар, железо, калциум, магнезиум, натриум и калиум. Со правилна употреба, квалитетниот прополис помага за уништување  на вируси и бактерии и го зајакнува имунолошкиот систем.

Лековитоста на прополисот произлегува од неговото антиоксидантно дејство, тој дејствува на слободните радикали и ја спречува можноста за појава и развој на карцином.

Мешавината од мед, полен, матичен млеч и прополис дава свежина и виталност на телото, го елиминира заморот од телото и умот, го стимулира хормоналниот систем, го регулира метаболизмот на цревата и функцијата на црниот дроб и има ефективни својства во регенерацијата на клетките. Ефикасен е при регулирање на месечниот циклус кај жените и зголемување на сексуалната моќ. Ја забрзува циркулацијата на крвта, го регулира метаболизмот, им дава на спортистите дополнителна сила и енергија. За време на доењето ефикасно е во зголемувањето на млекото.

Исто така, го зајакнува имунитетот кај децата и возрасните, помага за намалување на мастите и холестеролот во крвта, помага за лекување на болести кај бубрезите, срцето, панкреасот и црниот дроб, го стимулира имуниот систем да се бори против вирусни и бактериски инфекции, помага во лечењето на остеопорозата, помага при бронхит и астма, против депресија и нервна напнатост, забрзува зараснување на коските, го зголемува бројот на црвените крвни зрнца и имунолошките клетки, jа подобрува плодноста, помага во намалување на нивото на канцерогените естрогени, и тоа не е се…
Препорачливо е да се зема наутро, на гладно.