Сè за печењето леб: Како до крцкава кора, кога е доволно печен, како да го чувате?

Ако сè уште имате дилеми околу печењето леб, односно, никогаш не сте сигурни дали е доволно печен па или го вадите прерано или го препекувате, ако не знаете како да добиете крцкава, а како мека кора и слично, прочитајте ги нашите совети.

0
404

Како да се направи кората од леб крцкава?

Пред печење, премачкајте го лебот со млака вода во која сте додале малку масло или изматено јајце. Ако сакате мека кора, премачкајте го со растопен путер.

Крцкава кора без масло и јајца: За да добиете леб со крцкава кора, околу 15 минути пред крајот на печењето, премачкајте го со вода.

Дали лебот е печен доволно? За да го проверите ова, лебот треба да се потчукнува со раката на површината и одоздола и ако звучи шупливо, лебот е готов.

Ако го прелиете тестото со зовриена вода – ќе добиете леб што не се распаѓа кога се сече дури и по десет дена. Ако секогаш сакате свеж леб, загрејте ги парчињата на тивок оган во сува тава под капак пред јадење.

За да не се распадне свежиот леб при сечењето – пресечете го со врел нож што може да се загрее на пламен на шпорет на плин или со натопување во топла вода. Но, по секое сечење, ножот треба да се избрише и да биде сув.

За да биде лебот здравствено правилен и да мириса убаво, кутијата за леб треба да се плакне секоја недела со вода во која сте додале малку оцет и добро да се исуши.

Квасецот брзо ќе надојде ако го измешаме здробен со малку шеќер и дури потоа го измешаме со млако млеко.

Ако користите брашно од интегрално брашно, количината на вода потребна за тестото може да варира. Во зависност од тоа колку е мелено брашното, може да апсорбира повеќе или помалку вода. Затоа, сметајте ги количините вода наведени во рецептот како оквирни, но не и точни. Сепак треба сами да направите проценка.

Дали тестото доволно нараснало? Ќе проверите со притискање на тестото со прстот – ако вдлабнатината остане видлива, тестото е доволно нараснато.

Испековте премногу леб, што да правите со вишокот? Кога лебот ќе се олади, исечете го на парчиња, ставете го во пластична кеса и чувајте го во замрзнувач. Така може да стои до два месеци. Кога ви треба, извадете го од замрзнувачот, завиткајте го во алуминиумска фолија и загрејте го во рерна на 50° C за да омекне.

Не фрлајте стар леб! Можете да направите од него презли такашто ќе го препечете во рерна а потоа ќе го смелете или едноставно ќе го здробите со толчник или големо сукало, преку крпа. Покрај тоа, сувиот леб е основа за правење кнедли кои се незаменливи со различни гулаши и сосови. Исто така, можеме да го исечеме на коцки и да го испечеме во рерна. Таквите коцки леб се одличен додаток на супите.

Ако лебот е стар и не е премногу сув, исечете го на парчиња, натопете го во изматени јајца и млеко и испржете го. Тоа е одличен појадок.

Фото: Unsplash