Сѐ почна со купувањето на батат за пола цена…

Овој десерт настана многу спонтано и без рецепт. Веројатно има многу слични на него, ама кога во глуво доба ќе ви тргне, не ви треба рецепт...

0
367

Сѐ почна со тоа што случајно најдовме некој сладок компир (батат) чија цена беше пола од вообичаената. А кога веќе бататот стаса дома, требаше нешто да се направи.

И така, првин сваривме 3 помали парчиња батат и 1 поголем морков.

Од ова направивме пире.

Потоа ставивме 1 литар млеко во тенџере, а со 200 мл плус размешавме два пудинга од ванила, 50 г густин и 2 лажици шеќер.

Потоа, во млекото го додадовме пирето од батат и морков и 1 лажица рум и кога почна да врие, полека, постојано мешајќи ги додадовме разматените пудинзи, густин и шеќер.

Се вареше околу 5-10 минути, додека не се згусна.

Во меѓувреме, ставивме во тепсија, врз хартија за печење смеса од 1 шолја ситни овесни снегулки (околу 250-300 г), 100 г путер, сечкани ореви и бадеми (отприлика, по желба) и суво грозје (отприлика, по желба) и 1-2 лажици шеќер (по вкус).

Од оваа смеса се прават трошки, се распоредуваат во тепсијата и се печат со повремено мешање околу 15 минути.

Кога ќе се подизлади пудингот со батат се меша со миксер за да добие помазна структура. Бидејќи беше уште топол, додадовме и една рака чоколадни плочки кои се стопија, а пудингот доби малку потемна боја. Потоа се реди во чаши или во мали длабоки стаклени чинии, ред крамбл, ред пудинг, ред крамбл, ред пудинг и на крај може уште неколку трошки крамбл и неколку чоколадни плочки.

Оставете ги подготвените десерти во фрижидер. Ќе ги јадете следниот ден.