Супер храна во конзерва

Рибата во конзерва содржи исто толку здрави состојки како и свежата, со тоа што конзервираните риби се поефтини и подостапни и имаат подолг рок на траење.

0
613

Рибата е богат извор на протеини и здрaви масти, но повеќето луѓе јадат риба ретко и во многу мали количини. Прво, не живееме на море, па свежината на рибите кои ги има кај нас е секогаш дискутабилна, а не се ни ефтини.

Сигурно сте се запрашале досега, дали е паметно да посегнете по конзервирана риба. Одговорот е потврден.

Рибата во конзерва содржи исто толку здрави состојки како и свежата, со тоа што конзервираните риби се поефтини и подостапни и имаат подолг рок на траење. Навистина, имаат повеќе масти и сол и немаат вкус како свежата риба, но добро е тоа што оние риби кои се наменети за конзервирање се главно уловени во природно опкружување, значи не се вештачки одгледувани, а тоа, со оглед на тоа што во некои видови одгледувани риби има значително повеќе отровни материи отколку кај уловените во дивина, е нивната позитивна страна. Исто така, кај конзервираната риба има повеќе калциум отколку кај свежата, затоа што во конзерва коските на рибата омекнуваат, и можат да се јадат, а со тоа се зголемува нивната нутритивна вредност.
Ова е листата од неколку конзервирани риби и објаснување на кој начин тие придонесуваат за нашето здравје.

Инчуни

Овие рипчиња се навистина вкусни. Филетите во стаклени теглички или во конзерва се добар извор на омега 3 масни киселини, кои се одлични за здравјето. Содржат и нијацин, кој телото го користи за да ја претвори хрaната во енергија.

Лосос

Конзервираниот лосос е богат со големо количество на омега 3 масни киселини EPA и DHA. Овие масти го намалуваат ризикот за заболување од срцеви болести и ја зајакнуваат структурата на коските. Лососот е исто така одличен извор на протеини и витамин Д. Со розевиот и црвениот лосос нема да погрешите. Првиот е поевтин, но вториот содржи 65 проценти повеќе витамин Д и 35 проценти повеќе омега 3 масни киселини.

Сардини

Сардините содржат солидни количини омега 3 масни киселини, витамин Б12 и витамин Д, кои помагаат во спречување на дијабетес. Овие риби се сметаат за најдобар избор поради нивните нутритивни вредности и ниското ниво на токсини. Настојувајте да купувате конзервирана риба во маслиново масло или во сос од домати.

Туна

Ако не сте консумирале туна затоа што содржи жива, оваа риба можете слободно да ја вратите во вашето мени. Произведувачите сега конзервираат помали количини туна, што значи дека таа има помалку време да акумулира жива, а се повеќе се применува и еколошкиот начин на одгледување.

Конзервирано месо од рак

Конзервираното месо од рак е одличен извор на протеини кои се добри за мускулите, метаболизмот и имунолошкиот систем. Содржи и фосфор кој е значаен за градбата на коските. Само 85 грама од ова месо задоволува 1/4 од дневните потреби за споменатите елементи.

Фото: Pixabey