Со убивањето на пчелите, се повредуваме себеси бидејќи нашиот опстанок зависи од нив

Со цел да се подигне свеста за важноста на пчелите и нивниот придонес во биодиверзитетот, ООН го прогласи 20 мај за Светски ден на пчелата, а меѓународниот институт Earthwatch ги прогласи пчелите за најважни суштества на планетата. Според студија на ООН направена во 2005. година, околу 90 проценти од дивите опрашувачи биле уништени. Пчелите преживеале само затоа што ги чувале пчеларите.

0
221

Поради прекумерната употреба на пестициди, но и од бројни други причини, многу видови пчели се најдоа на списокот на загрозени видови и се пред истребување. Сепак, она за што многумина не се свесни е дека изумирањето на пчелите би значело и крај на човештвото.

Со цел да се подигне свеста за важноста на пчелите и нивниот придонес во биодиверзитетот, на иницијатива на Република Словенија, ООН го прогласи 20 мај за Светски ден на пчелата. Меѓународниот институт Earthwatch ги прогласи пчелите за најважни суштества на планетата. Дури 70% од светскиот биодиверзитет зависи исклучиво од пчелите, а полинацијата, или опрашувањето, е нивната најважна функција – им овозможува на билките да се размножуваат.

Пчелите се круцијален елемент на нашето опкружување и потребно е подобро да се грижиме за нив, затоа што да не беа тие – немаше да постоиме ниту ние. Навистина!

Од 100 видови на земјоделски култури кои ни обезбедуваат 90% храна, дури 35% се опрашуваат од пчели или птици. Пчелите се главниот иницијатор за размножување кај растенијата, бидејќи тие пренесуваат полен од машкиот прашник на женскиот толчник.

Некои растенија исто така може да се опрашуваат со ветер, но овој процес е многу бавен. Инсектите се примарни опрашувачи – иако и бубачките и пеперутките можат да помогнат, пчелите се најефикасни за оваа намена. Без нив, не би можеле да вкусиме јаболка, цреши, но и бројни зеленчуци, како што се брокула, краставици, па дури и многу здравото и сè попопуларно авокадо. Се разбира, ако пчелите исчезнат, први по нив ќе паднат дрвјата – а ние веќе знаеме колку и за што се тие важни за нас.

За време на нешто повеќе од една деценија, популацијата на пчелите значително се намали. Пестицидите, болестите, паразитите и лошите временски услови предизвикани од глобалното затоплување играат голема улога во оваа загрижувачка статистика, а во последните три години дури осум видови се додадени на списокот на загрозени.

Без нив, би настрадале и многу животни. Прво тревојадите, кои ќе исчезнат заедно со видовите растенија што ги јадат. Кога кравата нема доволно храна – повеќе не дава доволно млеко, а нема ни месо, што дополнително влијае на исхраната на човекот.

Во овој случај би имале корист само мршојадците – орли, мршојадци и гаврани, но и тие привремено.

Интересно е и тоа што маслодајната репа, која се користи и како гориво и како прехранбено масло, зависи од опрашувањето. Инаку, се користи и за производство на биогорива. А со исчезнувањето на биогоривата, ќе се потпиравме единствено на фосилни горива и дополнително ќе ја мачевме веќе загрозената околина.

Исчезнувањето на пчелите негативно ќе влијае на производството на памук, а тоа би довело до сериозен проблем со цената, квалитетот и изборот на облеката.

Бидејќи повеќето билки веќе не би можеле да растат, земјата ќе стане неплодна и луѓето би морале да ги напуштат тие области, додека свлечиштата ќе збришат цели населени места – и земјата на крајот ќе стане една голема пустина натоварена со пластика.

Со помало производство на храна, би се зголемила гладта во светот, свежата вода би почнала да пресушува, бидејќи би имало сè помалку дрвја за да ја задржуваат. Репродукцијата меѓу луѓето значително би опаднала. Целата планета би станала неодржлива.

Значи, со убивањето на пчелите – се повредуваме самите себе бидејќи целиот наш опстанок зависи од нив.

Што се однесува до нивниот производ, медот, тој е само нус-производ на пчелите и во економска смисла претставува само 1,5 процент од она што пчелите индиректно го произведуваат како опрашувачи. Нивната улога во опрашувањето се движи од 30 до 100 проценти кај одредени растителни видови. Значи, мора да го препознаеме влијанието на пчелите врз храната што ја ставаме на нашата трпеза.

Според студија на ООН направена во 2005. година, утврдено е дека, главно под влијание на луѓето, околу 90 проценти од дивите опрашувачи биле уништени. Пчелите преживеале само затоа што ги чувале пчеларите. И тие ќе ги чуваат сè додека има интерес за тоа. Ако тој интерес се изгуби, пчелите исто така ќе исчезнат.

Затоа, нема многу смисла производството на мед без пчели на стартап компанијата Мели Био од Србија, која неодамна добила вложување од 850 илјади долари.

Имено, компанијата Мели Био, основана во 2020. година од д-р Арон Шалер и Дарко Мандиќ, претприемач од Србија, развила технологија заснована на синтетичка биологија, прецизна ферментација и наука за билките, која ги заменува медоносните пчели како извор за производство на мед.

Оттаму велат дека глобалниот пазар на мед минатата година се проценувал на 9 милијарди долари и дека додека индустријата се потпира исклучиво на медоносните пчели, ќе се соочува со многу прашања поврзани со одржливоста и нејзиното негативно влијание врз биолошката разновидност на пчелите. Производството на вистински мед со помош на науката, велат од Мели Био, претставува револуција во индустријата со што ќе се спасат 20.000 диви и домашни видови пчели кои се клучни за флората и фауната на земјата.

Што се однесува до нас, ова е само уште една иновација која го продолжува трендот на производство на вештачка храна.

Сè додека не се освестиме еколошки, односно, не ја заштитиме природата, не ја намалиме употребата на пестицидите, и конкретно, кога станува збор за производството на мед, не го почитуваме принципот на кој не научи Атиџе – пола за пчелите, пола за нас, нема да не спаси ниту медот што не е мед, ниту месото што не е месо. На крајот сè се сведува на луѓе што не се луѓе и не се грижат за ништо друго освен за профитот. Како да забораваат дека после нив не треба да има потоп, туку нови генерации кои ќе можат да живеат во склад со природата, а не против неа. Луѓе кои ќе ги чуваат пчелите и ќе им земаат од медот онака како што прави и Атиџе, пола за неа, пола за нив. Нема да ги спасиме пчелите правејќи вештачки мед, ќе ги спасиме кога ќе престанеме да ја загадуваме природата.

Фото: Pexels/Pixabay