Сочен колач со мак и портокал

Многу е сочен, а вкусот потсетува на јафа кекси. Ако сте обожаватели на истите, сигурно ќе ви се допадне.

0
235

Иако вкусот на овој колач потсетува на оној на јафа кексите, се разбира дека е ова многу подобра варијанта. Семето од афион му дава дополнителен вкус и посебен шмек.

Освен што го варевме во три води оној портокал од кој се прави пирето, сите употребени портокали во рецептот ги чувавме цела ноќ во раствор од сода, оцет и вода и следниот ден, пред употреба, убаво ги исчеткавме.

Токму портокалите се заслужни за вкусот и аромата на овој колач, па никако не намалувајте од количината и не го менувајте обликот во кој се употребени.

Доцна се сетивме да свариме повеќе портокали и да си чуваме веќе подготвено пире за некој следен пат. Ќе се прави често!

Состојки:

3 јајца

1 ванилин шеќер

100 г шеќер

200 г брашно

малку сол

1/2 прашок за пециво

125 мл масло

200 мл млеко

180 г мак

кора од 2 портокали

пире од 1 портокал (пирето ќе го направите такашто портокалот заедно со кората ќе го ставите во вода и кога ќе зоврие, варете го 10 минути, истурете ја водата и повторете го процесот 3 пати. Кога е готово, исечете го на парчиња и измешајте го заедно со кората во блендер).

Прелив:

сок од 2 портокали

150 г џем од кајсии

Глазура:

100 г црно чоколадо

малку путер и 50 мл млеко

Приготвување:

Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер. Во посебен сад измешајте ги брашното, солта, прашокот за пециво и додадете во смесата со јајца. Додадете масло, млеко и добро измешајте. Додадете ја кората од два портокали. Постепено додавајте го семето од афион и на крај, промешајте го пирето од портокал.

Смесата префрлете ја во калап за торта обложен со хартија за печење (ние печевме во калап од 24 см), печете 40 минути на 175 степени.

Додека тортата се пече, во сок од два портокали, промешајте го џемот од кајсија и ставете го на тивок оган мешајќи додека не зоврие.

Испечениот бисквит оставете го да се излади половина час и прелијте го со преливот од кајсија. Можете да го избоцкате со вилушка за да влезе преливот подлабоко во бисквитот.

Направете чоколадна глазура топејќи го чоколадото измешано со млеко и малку путер и прелијте го со изладениот колач.