Слоу фуд салон: Каснете, лизнете, мириснете, вкусете, потсетете се на традиционалните македонски вкусови

На 18 и 19 октомври во хотел „Александар Палас“ ќе се одржи првото издание на „Slow food салон“ на кој производителите ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе ги раскажат своите приказни, а посетителите ќе имаат можност да се информираат и едуцираат од прва рака и се разбира, да дегустираат добра, чиста и правична храна!

0
357

На 18.октомври, со почеток во 14 часот па сé до 20 часот следниот ден (19.октомври), во хотелот „Александар Палас“ ќе се одржи првото издание на „SLOW FOOD САЛОН“.

Промовирана како алтернатива на брзата храна, меѓународната организација Слоу Фуд настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производство на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители се обидува да ги реализира преку агенда, насочена против глобализација на земјоделството и гастрономијата.

Националната организација Слоу фуд Македонија го организира првиот Слоу фуд салон на кој производителите ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе ги раскажат своите приказни, а посетителите ќе имаат можност да се информираат и едуцираат од прва рака и се разбира, да дегустираат добра, чиста и правична храна!
Токму ова (добра, чиста и правична храна) е мотото на „Слоу Фуд“ и најдобро ги отсликува принципите на кои се заснова храната која треба да биде достапна до секој. Па така, „добра“ храна е онаа која е квалитетна, вкусна и здрава, „чиста“ е онаа која не ѝ штети на околината, а „правична“ онаа која им е достапна на консументите по добра цена, но е истовремено и достоинствена за производителите.

Накусо, тоа се производи кои се добиени со почитување на човековото здравје, животната средина, благосостојбата на животните и локалната гастрономска култура произлезена од локалните генетски ресурси.

На првото издание на овој Слоу фуд салон ќе бидат изложени производи со потекло од македонскиот агробиодиверзитет, производи од Арката на вкусови, македонските Слоу Фуд президиуми, традиционални преработки и органски производи. Свежи и преработени овошје и зеленчук, традиционални сирења, месни производи, вина од мали винарии, занаетчиски пива, дестилати…
Салонот ќе понуди вкусови кои Слоу Фуд Македонија ги заштитува, поддржува и промовира повеќе од 10 години преку својата мрежа.

„Во ерата на глобалната трговија храната е брутално сведена на ниво на стока за економска размена и е моќно оружје во рацете на големите индустрии.
Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите.
Храната поттикнува промени во свеста кај консументите.
ХРАНАТА Е ДВИЖЕЊЕ!“, велат од Слоу фуд Македонија.