Сладоледот на нашето детство

И не, не мислам на Снежец....Мислам на домшниот сладолед од ванила

0
436

Никогаш не мислев дека ќе го кажам некогаш она: „ех, во мое време…“

Ама го велам. Не многу често, ама најчесто кога купувам нешто. Јас сум тешка за носење одлуки дури и кога треба да се купи обичен сладолед. Ги има навистина многу, речиси сите се вкусни, ама кога ќе ми текне дека се во нив е хемија, ми се одјадува. И кога купувам за децата, дури и имам грижа на совест што им давам таков сладолед. Тогаш се сеќавам на мое време…Ех, во мое време….“, во мое време немав дилеми, се јадеше само „Снежец“, а дома најчесто и најомилен ни беше оној од ванила.

За мене тоа беше најубавиот сладолед, а мајка ни го правеше во огромни количини. Купувавме корнети и добивавме врвен сладолед.

Неодамна ги развртев тетратките со рецепти на мајка ми и го најдов рецептот.

Состојки:

1 литар млеко
8 жолчки
200 г шеќер
екстракт од ванила

Приготвување:

Сварете еден литар млеко додека не зоврие. За тоа време изматете 8 жолчки со 200 грама шеќер и екстракт од ванила (или стапче ванила). Тргнете го зовриеното млеко од оган, а потоа постепено истурајте ги изматените жолчки. Мешајте ја масата постојано, а потоа вратете ја на оган кратко, неколку минути, додека масата не се згусне. Извадете го готовиот крем од шпоретот, а потоа мешајте додека не се излади. Можете да го забрзате ладењето ако садот со кремот го ставите во поголем сад со ладна вода.
Истурете го изладениот крем во некој сад и ставете го во замрнувач. По еден час, кога масата е половина затегната, добро измешајте. Вратете го во замрзнувач и повторете ја оваа постапка уште неколку пати двапати.

Ако сакате чоколаден сладолед, додадете 100 гр чоколадо на оваа маса, додека е се уште топла, и замрзнете ја на ист начин.

Фото: Freepik